Православен календар: Денеска е празник на Светите Дванаесет маченици кои пострадаа во времето на Диоклецијан
Првиот од нив, Памфил, презвитер на Црквата во Кесарија Палестинска, човек учен и благочестив, го исправи текстот на Новиот Завет од грешки на различни препишувачи; самиот ја препишуваше оваа спасоносна книга и им ја даваше на оние што сакаа. Вториот беше ѓаконот Валент, стар според годините и белокос според мудроста. Беше одличен познавач на Светото Писмо и го знаеше речиси наизуст. Третиот беше Павле, маж чесен и угледен, кој еднаш порано беше фрлен во оган за Христа. Освен нив уште петмина браќа по тело и дух, родум од Египет, се враќаа од осуда од рудникот Киликиски во својата татковина, но на портата од градот Кесарија изјавија дека се христијани, заради што ги изведоа на суд. На прашањето како се викаат, рекоа: „Незнабожечките имиња што ни ги даде мајка ни ги отфрливме и се нарековме Илија, Исаија, Јеремија, Самуил и Даниил“. На прашањето од каде се, рекоа: „Од Горниот Ерусалим“. Сите беа убиени, а со нив пострада и момчето Порфириј, кое ги побара нивните тела за да ги погреба. Тие беа убиени со меч, а него го изгореа во оган. Уште и Селевкиј, кој пријде и ги бакна мачениците пред мечот да падне врз нивните глави. Пред ова Селевкиј беше офицер. И старецот Теодул, слуга на римскиот судија, бидејќи при погребната поворка бакна еден од мачениците. Најпосле и Јулијан, кој ги целиваше мртвите тела на мачениците и ги фалеше. И така дадоа мало за големо и евтино за скапоцено и смртно за бесмртно и се преселија кај Господ во 308 година.
Дума.мк