(Фото) Колев и Здравковски ветија изградба на нов до постоечкиот башиноселски мост кај Велес, граѓани бараат да се забрани за сообраќај поради небезбедност
Изградба на нов како целосно решение за 52 години стариот и не безбеден за сообраќај мост кај Башино Село цели седум години бил актуелна тема и за него се воделе разговори помеѓу локалната власт во Велес и централната власт во државата. И покрај разговорите за овој многу значаен сообраќаен објект за град Велес сеуште нема проектна документација, рече градоначалникот Марко Колев на последната прес конференција додека одговараше на новинарски прашања.
-Проект нема. Да го испроектираме и ќе кажеме кога ќе почнеме да го градиме мостот. Инаку потребните финансиски средства за негова изградба се од тие што треба да ги добиеме од централната власт. Со тоа што дел од финансиските средства ќе легнат на сметката на општина Велес а дел државата директно ќе ги плати кон економските оператори, додаде Колев.
Градоначалникот на Велес на прес конференција повтори дека новата Влада се обврзала на годишно ниво од државниот буџет да распределува по 250 милиони евра за проекти на сите општини во Македонија. Според формула на пресметка од овој износ Општина Велес на годишно ниво треба да добива помеѓу шест и седум милиони евра. Според Колев овој износ е еднаков на годишниот буџет на Општина Велес.
-Јас кога стапив на функција Градоначалник буџетот на општината изнесуваше помеѓу 4 и 4,5 милиони евра а годинава изнесува 6 милиони евра, поради голем број на решени предмети. Тоа што државата ќе го даде е колку уште еден буџет на општината. Работиме интензивно, додаде Колев.
Со ист став за не безбедниот мост кај Башино Село е и Игор Здравковски пратеник на ВМРО ДПМНЕ и претседател на Општинскиот Комитет. Вечерта на изборниот ден, по прогласувањето на резултатите и двојната победа на претседателските и на парламентарните избори, Здравковски изградбата на нов мост кај Башино Село ја вброи во приоритетните проекти на победничката партија.
-Тоа се проекти кои 30 години тапкаат во место. Изградбата на обиколницата на Велес, изградбата на мостот кај Башино Село бидејќи ова што сега го имаме како информација е многу по исплатливо да се направи нов мост отколку да се реконструира постоечкиот, изградба на мостот кај езеро Младост чии носачи пред една година ги најдовме како стојат кај Делчево што како проект ќе биде еден од по брзите проекти, а исто така се надевам дека тука ќе влезе и изградбата на Катни гаражи во Велес како и дополнителната изградба на неколку регионални патишта, рече Здраковски.
Јасно.мк на 8 мај или еден ден пред вториот круг на Претседателски и на Парламентарни избори 2024 година објави приказна за состојбата во којашто се наоѓа мостот кај Башино Село. Во тектот што го превзема и Дума.мк пишува дека овој витален сообраќаен објект не е безбеден да се користи и дека опасноста е голема како по товарните возила така и по животите на граѓаните кои сообраќаат со автомобили. Во ставот на Центар за управување со кризи, државна институција којашто минатата година направи проверка и соопшти листа на 30 не безбедни мостови во државата, помеѓу другото пишува дека не постои документ којшто ја гарантира стабилноста на овој мост.
„Со око e видливо дека бетонската конструкција на мостот се рони. Железната арматура наместа е `ргосана. Тоа е индикативно и предизвикува сериозни оштетувања на мостот. Проблем постои. Исто така, не постои документ дека мостот е стабилен. Јавното претпријатие за изградба на магистрални и регионални патишта е надлежно за овој мост и одредува како треба да се одржува,“ гласи ставот на Центар за управување со кризи.
Во коментари на реобјавениот текст на социјалната мрежа Фејсбук од страна на граѓани на Велес, особено на сограѓани кои се стручни и компетентни за ваков вид на проблематика, пишува дека мостот треба да се забрани за сообраќај од безбедносни причини.
Убавка Јаневска