(Видео и фото) Кајакарите од Обединето Кралство, од Србија и од Австралија, учесници на Светски куп во Кајак спуст, пристигнати се во Велес
Шестмина кајакари на клубот „Paddle UK“ од Обединето Кралство ќе се натпреваруваат викендов на Светски куп во Кајак спуст на река Вардар на патеката во Велес. Нив ги предводи Џејми Кристи менаџер на клубот од градот Лестер во Обединето Кралство. Кристи е втор пат во Македонија. Веќе го предводел клубот на натпревар на Матка и неговите впечатоци како за нашата држава така и за спортските натпревари се позитивни.
Кајакарот Хенри Ленгли е еден од тројцата кајакари на клубот „ Paddle Australia“ од Перт. Ленгли е прв пат во Македонија и ги сподели како впечатоците така и очекувањата од натпреварите викендов во Велес.
Овие како и учесниците на Светски куп во Кајак спуст се сместени во средношколски интернат „Лазар Лазаревски“. Нив од утре им се придружуваат уште 91 учесници на овој светски спортски натпревар чиј домаќин е Велес. Директорот на интернатот, Марјанчо Јорданов рече дека е горд што ваков спортски настан се случува во Велес и ги сподели информациите како средношколскиот дом стана домаќин во сместувачкиот дел на гостите.
Кајакарите од Србија веќе беа на тренинг кога екипата на Дума.мк го посети велешкиот интернат додека двете, на Обединето Кралство и на Австралија се подготвуваа за тренизите на река Вардар во центар на Велес.
Светскиот Куп во Кајак спуст свечено ќе биде отворен утре, доцна попладне, во 18:30 часот, во Амфитеатар на Младински пар во Велес, по што концерт ќе одржат девојките од групата „D Chicks“ и на петнаесеттина минути пред полноќ е планиран огномет.
Натпреварувањата ќе се одржат во сабота, 15 и недела, 16 јуни на патеката кај Стар Мост. Почетокот е во 9 часот.
Убавка Јаневска