Православен календар: Денеска се празнува Свети великомаченик Пантелејмон, заштитник на Велес и на велешани
Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп кого другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо привлече кон Христа многубројни незнабошци. Царот го изложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. Џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не кажа да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, која потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водосвет и маслосвет заедно со свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.
Свети Великомаченик Пантелејмон е заштитник на градот Велес и на велешани.
Дума.мк