Двојно зголемени концентрациите на ПМ 10 честичките во велешкиот воздух, во два неработни денови, општината со препораки до граѓаните
„Да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал. Рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено.Правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците. Да се одложат сите активности на отворено,“ гласат препораките на Општина Велес. Објавени се денеска на општинската веб страница.
Препораките доаѓаат откако во неработните денови, поточно на 5 и 6 јануари, годинава, концентрациите на ПМ 10 честичките се регистрирани во концентрации двојно повисоки од максимално дозволените граници. Нив ги регистрираше државната мерна станица за квалитет на воздух поставена во населба Тунел, во дворот на детската градинка.
Освен ПМ 10 честички, оваа мерна станица, мери концентрации на сулфур диоксид но не ги мери концентрациите на уште поопасните по здравјето на велешани ПМ2,5 честички. И не само нив туку не се мерат ниту концентрации на јаглерод моноксид, азот диоксид и озон.
Колку оваа единствена мерна станица во градот ќе биде релевантна за да го прикаже севкупното загадување на воздухот, откако Велес има променет сообраќаен режим за тешки товарни возила, поточно камионите наместо преку Башино Село сега се движат во ноќните часови низ централното градско подрачје, не е видливо според прикажаните вредности од неколкудневните 24 часовни прикажани резултати.
Убавка Јаневска