(Фото)Велес денеска: Шише вода, капа или чадор како и задолжително движење под сенка на пеколната жештина!
Објавено: 22 јули, 2025, во 12:54 часот
Вторник е пазарен ден во Велес што вообичаено е причина за зголемен број на граѓаните на улиците на градот. Но овој вторник, во периодот од 10:00 и 12:00 часот, не беше така. Додека во истиот период температурата изнесуваше помеѓу 36 до 38 степени намален беше бројот на граѓани на отворено.

Најголемиот дел од нив се движеа под сенките на дрворедите, повозрасните граѓани имаа капи на главите а со дел од нив, со кои можевме да поразговараме од торбите или ташните вадеа и шишиња со вода. И помладите Велешани се информирани за препораките за заштита од топлотен удар.


Од граѓаните кои ги затекнавме денеска на отворено се чини дека најпријато им беше на спортистите, кајакари кои тренираа и се разладуваа во намаленото ниво на вода во речното корито на Вардар.


Сепак најзначајно е граѓаните, деновиве, поточно до недела, кога се предвидени екстремно високи температури во Повардарието и до 43 степени, да се придржуваат до препораките на лекарите и здравствените институции за заштита од топлотен удар.

Исто така, денеска, по 11:00 часот на улица не можеше да се сретнат комуналните работници на „Дервен“. Од Јавното комунално претпријатие информираа дека вработените задолжени за одржување на хигиената, за одржување на зеленилото, за отстранување на дефекти како и теренските работници во останатите сектори кои работат на отворено се со променето работно време.

„Во текот на деновиве кога на територијата на целата држава имаме екстремно високи температури работниците кои извршуваат работни активности на отворено во сите сектори и одделенија во текот на цела летна сезона имаат прилагодено работно време за да се избегне импактот од високите температури. Теренските работници во Секторот Комунална Хигиена имаат работно време од 05:00 до 12:00 часот, додека во време на портокалова и црвена фаза се применуваат мерките и препораките на Министерството за здравство и тие имаат работно време од 04:00 до 11:00 часот, со тоа што лицата над 60 год и бремените жени се ослободуваат од работа. Дел од обврските како што е перење на улици и собирање на смет се вршат во период од 21:00 до 05:00 часот,“ одговорија од „Дервен“ на новинарските прашања на Дума.мк.

Оттаму додадоа дека променето работно време имаат и теренските работници во Секторот Водовод и канализација од 06:00 до 11:.00 часот или согласно потребите на граѓаните и градот при дефекти по 17:00 часот се до отстранување како и работниците во Сектор Паркови и зеленило кои на екстремно високи температури работат од 04:00 до 11:00 часот. Сo скратено е работното време се и вработените Инкасанти.
Убавка Јаневска


