Македонската стрип заедница со активно меѓународно учество во Хрватска и Србија
Објавено: 28 јули, 2025, во 10:20 часот
Македонската стрип заедница ова лето забележа значајно меѓународно учество на два реномирани регионални настани – Интернационалниот фестивал за анимација и стрип „Супертјун“ во Шибеник, Хрватска, и Меѓународната стрип колонија „Рашка 2025“ во Јошаничка Бања, Србија.
Приморскиот град Шибеник по петнаесетти пат беше домаќин на фестивалот „Супертјун“, кој понуди богата програма на повеќе градски локации – со проекции, изложби, промоции и дискусии од областа на анимираниот филм и стрипот.

На фестивалот, со поддршка од Министерството за култура и туризам, учествуваше и Томе Трајков, програмски координатор на Стрип центар на Македонија – Велес. Тој одржа едночасовна презентација на современата македонска стрип сцена и учествуваше во групна панел-дискусија на тема „Предизвиците на стрип издаваштвото во регионот“.
Меѓу списанијата кои влегоа во потесната селекција на фестивалот, се најде и македонската стрип ревија „Стрип креатор“, заедно со изданијата OHOHOzine, Стрип префикс и Ирационалист од Хрватска, Ras Comic од Србија, како и Винтарт и Вирџина од Црна Гора.
Како што истакна Трајков, фестивалот „Супертјун“ имал специфичен фокус на стрип изданија и ги опфатил сите формати – од списанија и книги до фанзини. Тој најави дека во наредните години ќе се заложи учеството на македонски издавачи да биде уште позастапено, оценувајќи дека ваквите платформи се клучни за зголемување на видливоста на македонскиот стрип во Европа.

Неколку дена пред хрватскиот фестивал, од 18 до 22 јули, Јошаничка Бања во Србија беше домаќин на 13-тото издание на Меѓународната стрип колонија „Рашка 2025“. Настанот повторно собра бројни автори, предавачи и млади стрип таленти од целиот регион.
Македонија беше претставена од Славица Купенкова, Евгенија Трајкоска, Анастасија Недељковска, Игор Поповски, Иван Михајловски и Јасмина Јовчевска. Томе Трајков повторно беше присутен, овојпат како оперативен координатор на меѓународниот проект „Сè што велиме е – Дајте му шанса на помирувањето!“.
Во рамките на богатата петдневна програма, учесниците – кои доаѓаа од стрип школи во Велес, Белград, Врање, Лепосавиќ, Тирана и Рашка – учествуваа на работилници, предавања, изложби и активности со цртање во живо. Дел од нив работеа и на нови стрипови, кои наскоро ќе бидат објавени во српското списание Ras Comic.

Во Културниот центар „Градац“ во Рашка беше отворена изложба со дела создадени во рамките на проектот за помирување. Воедно, беа одржани и илустративни работилници под водство на Владимир Весовиќ, како и предавања од реномирани стрип автори – Бобан Савиќ Гето и Дарко Стојановиќ. Меѓу менторите и гостите оваа година беа и Дејан Трајковиќ Декс и Љиљана Стризе од Врање, како и Валбона Авдулај од Валона, Албанија.
Со овие учества, македонската стрип сцена покажа силен ангажман и присуство на регионалната културна мапа, продолжувајќи да гради мостови на соработка и видливост во поширокото европско стрип семејство.
Стефани Манева
