(фото) „Гласот на времето – Велес, град кој не заборава“ – Настап што ги спои генерациите и различностите
Објавено: 31 јули, 2025, во 11:21 часот
На платото пред Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес се одржа несекојдневен музичко-сценски настан под наслов „Гласот на времето – Велес, град кој не заборава“. Настанот, дел од културната манифестација „Велешко лето“, беше организиран од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес и Здружението на пензионери на град Велес.

Пред бројната публика, учесници од двете организации преку поезија, монолози и музика ја пренесоа пораката за поврзаност помеѓу генерациите и за значењето на културното сеќавање. Целокупниот сценарио и режиска поддршка беа дело на Весна Димитрова-Бобевски, која работеше со учесниците во подготовка на текстовите и изведбата.
-Овој настан е пример како културата може да биде мост кој ги обединува сите граѓани – без разлика на возраста или попреченоста, рече Далиборка Златева претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа.

На сцената се истакна и монологот на Јордан Андов за велешките гемии и нивната историска улога, додека Анита Димитровска ја рецитираше својата лична поетска творба „За мојот Велес“.

Александра Аѓусева ја оживеа песната за Велес од авторката Зорица Палитова, додека претставници од пензионерите претставија свои литературни творби, а музичката група изведе две музички нумери „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и „Велешките моми“.


На самиот крај настанот беше збогатен и со емотивен музичко-ритмички настап на членовите од Здружението на лица со церебрална парализа, под менторство на Антонио Ковачев. На познатата македонска песна „Јовано Јованке“, тие ги раширија белите платна и македонското знаме, предизвикувајќи овации од публиката.

Организаторите упатија благодарност до Општина Велес и сите волонтери, вработени и посетители, со надеж дека ваквите настани ќе прераснат во традиција.
Стефани Манева


