Велешката бизнис заедница бара од Совет на општината да расправа и на наредна седница да ја промени Одлуката за пресметка на комунален отпад

Објавено: 31 јули, 2025, во 15:30 часот

Шеесет потпишани од вкупно стотина бизнисмени, кои поради користење на годишните одмори не биле во можност да стават потпис, сите од Велес, до Советот на Општина Велес преку Предлог – иницијатива го изразија своето незадоволство од актуелниот начин на пресметка на комуналните услуги. Поднесената Иницијатива содржи предлози како законски сметаат дека треба да добиваат фактури со износи за комунален отпад наместо актуелните коишто им ги испорачува ЈКП„Дервен“. Сопствениците на мали, средни и големи фирми, на хотели и ресторани сметаат дека тоа што над 18 месеци плаќаат фактури со износи повисоки за 200 отсто не соодветствува на реалната состојба и е неправедно кон нив и нивните фирми.

Потпишаните бизнисмени бараат, согласно два члена од Закон за управување со отпад, Советот на Општина Велес да ја промени веќе донесената Одлука, во месец март 2023 година, со која ЈКП „Дервен“ применува пресметка на надоместокот за собирање и транспортирање на комунален отпад според површината на нивните плацеви наместо наплата според количина на метар кубен собран отпад од фирма.

„Да се донесе заклучок со кој, согласно член 107 став (4) од Законот за управување со отпад, се задолжува ЈКП „Дервен“ – Велес, како давател на јавната услуга за собирање и транспортирање на комунален отпад да отпочне постапка за подготовка и поднесување на барање за утврдување на тарифа за отпад до Регулаторната комисија, со вклучување на предлог-тарифи според количина на создаден отпад, изразена во метри кубни (m³). Потпишување на договори за собирање и транспортирање на комуналниот отпадот поединечно помеѓу секој правен субјект и  ЈКП „Дервен“ во кој јасно ќе биде наведена методологијата на наплата и цената за количина отпад по единица мерка (m³),“ пишува во предложената иницијатива на велешката бизнис заедница .

Бизнисмените му предлагаат на Советот на Општина Велес на наредната седница да ја стави како точка на Дневен ред нивната Предлог Иницијатива и да ја усвои бидејќи истата има за цел да мотивира наместо создавање, примена на рециклирање на отпад и заштита на животната средина како и нејзино оптоварување со нови количини.

Од позитивната одлука на Советот ги очекуваат  придобивките како што се „усогласување со законската рамка, согласно член 105 и 107 од Законот за управување со отпад, фер и праведна распределба на трошоците меѓу корисниците на услугата, особено правните субјекти,намалување на финансиските оптоварувања за субјекти со мала количина отпад и голема површина, попрецизна проценка на создаден отпад по корисник, со можност за поефикасно планирање на услугата, поттик за примарна селекција, реупотреба и намалување на отпадот, во согласност со целите на одржлив развој и еколошка одговорност како и подобрување на соработката меѓу општината, ЈКП и стопанството, преку вклучување на засегнатите страни во процесот на тарифирање“ пишуваат бизнисмените.

Се ова е поткрепено со образложение дека наплатата за јавната услуга за собирање и транспортирање на комунален отпад која моментално се врши врз основа на метар квадратен (m²) станбена или деловна површина, согласно одлука на Советот на Општината и важечки тарифници утврдени од Јавното комунално претпријатие „Дервен“, не ја одразува реалната состојба на терен, особено кога станува збор за правни субјекти кај кои што постојат значителни разлики меѓу физичката големина на објектот и вистинската количина на генериран отпад. „Практично се случува бројни деловни објекти кои располагаат со голема површина, но имаат ограничена активност, да создаваат мала количина отпад, за којшто се обврзани и мораат да плаќаат високи месечни суми, пресметани според квадратура. Во исто време, мали, но интензивно оперативни субјекти генерираат поголем обем на отпад, но поради мала површина, плаќаат значително помалку. Тоа го прави нерамномерен и неправеден актуелниот систем на наплата со повреда на принципот на еднаквост меѓу корисниците на јавната услуга, создава економско незадоволство и отпор кај деловната заедница, го намалува стимулот за подобрување на системот за управување со отпад и предизвикува недоверба во начинот на пресметка и наплата,“ додава бизнис заедницата.

Бизнисмените сметаат дека повеќе од година ипол се обврзани да плаќаат сметки повисоки од реалните. Тие Иницијативата ја поднесоа во Архивата на Општина Велес.

Дума.мк испрати прашања до градоначалникот Колев, претседателот на Советот Јаневски и до ЈКП „Дервен“ за став по оваа предлог Иницијатива. До објавување на информацијата не добивме одговор.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.