Мајка се бори за развод, нејзините две малолетни деца неможат во понеделник да продолжат да учат во Велес (Видео)
Објавено: 29 август, 2025, во 12:47 часот
Велешанка, мажена во друга општина во Македонија, поради долгогодишно психичко малтретирање и финансиско злоупотребување, по 16 години брак одлучила да се врати во домот на својата мајка и брат во Велес. Триесет и седум годишната жена е мајка на две малолетни деца. Жената на 1 јуни, годинава, со себе во Велес ги донела и своите две малолетни деца кои се на ученичка возраст. Оваа Велешанка за Дума.мк тврди дека веднаш поднела барање за развод и побарала од Центарот за социјални работи Кавадарци а потоа и од Центар за социјални работа Велес да и издадат потврда за согласност за продолжување на образованието на двете деца во училиште во Велес. Таа до денеска овој документ не го добила. На ден пред започнување на новата учебна година за неа дополнителна траума претставува тоа што двете деца впонеделник, на 1 септември, не ќе можат да одат во училиште.
-Сопругот работи како возач во странство. Тој ниту кога одлучив да го прекинам животот во неподносливите услови во заедницата со неговите родители и нивниот дом ниту сега не е во Македонија. Наводно ги известил службите дека утре, 30 август, ќе дојде во Македонија поточно во неговото родно место. Јас пред три месеци си ги земав децата и се вратив во домот на мајка ми во Велес, бидејќи од неа и од мојот брат добив поддршка на донесената одлука да ја прекинам брачната заедница. Во куќата во која живеев условите за живот станаа неподносливи. Ако претходно морав да се справувам со љубоморните испади на мојот сопруг, неговите навреди и омаловажувања дополнително не подносливо беше изживувањето од страна на неговите родители. Вработена сум но и кредитно задолжена за набавките на земјоделската механизација која јас секој месец ја отплаќам без тоа да ми биде признато. Си реков доста е веќе, морам поради спокојството на децата и личното здравје да се извадам од траумите и да продолжам сама да се борам. На родителите на сопругот кои физички ме нападнаа кога отидов да земам облека за себе и децата им поднесов кривична пријава, рече оваа жена.
Таа додаде дека побарала медиумска поддршка со цел да спречи злоупотреби од свекорот поради јавно, на Фејсбук, напишан статус во кој барајќи помош од Премиерот и од министерот за внатрешни работи поради наводно киднапирање ги објавил имињата и презимињата на нејзините две малолетни деца. Исто така и поради приоритетното добивање на документот од Центар за социјални работи Кавадарци коj ќе овозможи децата да продолжат да одат на училиште во Велес.
-Од 1 јуни, годинава, јас не успевам да го добијам документот што е потребен за испис од училиштето коешто го посетуваа за да ги запишам во училиште во Велес. Двата малолетни сина не сакаат да слушнат да продолжат да учат во училштето во кое се образуваа затоа што сметаат дека дедо им со јавната објава на Фејзбук, во која ги прогласи за киднапирани, ќе бидат изложени на подсмев од соучениците. Тие од една страна се срамат а од друга ми велат дека сакаат да живеат со мене, додаде оваа Велешанка.
Таа освен помош од адвокат веќе побарала помош и од Советувалиштето за жртви на семејно насилство на Организација на жени во Велес.
И Дума.мк ги прашаше надлежните институции за решението на состојбата во која се наоѓа оваа Велешанка. Но, според правната служба на Центар за социјални работи Кавадарци законот не бил на нејзина страна. Таа без согласност на нејзиниот сеуште законски сопруг не може да добие документ за преместување од едно во друго училиште на малолетните деца. Од оваа инститција додадоа дека до нив, Основен суд Кавадарци, поднел барање за Проценка на подобност на капацитетите за доверување на стрателството над децата на 26 јуни, годинава и дека законски постаката за да одговорат траела 90 дена. Служениците требало прво да ја спроведат оваа постапка која била значајна за закажување на рочиште од страна на Основен суд Кавадарци. Со разводот и правото на старателство над децата тие ќе можеле да се преместат во друго училиште. Дотогаш децата морале да продолжат да учат таму каде што биле запишани. Тоа што сега не живеат во родното место туку во друг град немало значење ниту немоќта на мајката секој ден да ги носи и враќа од училиште. Сепак остана нејасно како институцијата нема информации за јавно објавените имиња на малолетните деца на социјална мрежа и зошто за да одговорат на судот мора да се чека период од 90 дена.
Дума.мк побара став и од Министерство за труд, демографија и млади. Оттаму одговорија:
„ Случајот за кој се интересирате го разгледавме и за истиот во тек е бракоразводна постапка, нема евидентирано насилство и нема изречени активни мерки. Во делот на упис на децата во училиште, надлежност има Министерството за образование и наука“.
Портпаролот на МОН, Давор Палитов рече дека во понеделник ќе одговорат на новинарските прашања на Дума.мк.
Наместо да оди на работа и ја обезбеди месечната финансиска потреба за себе и за двете деца, оваа жена, сега користи денови и го трча институционалниот лавиринт во којшто верува дека крајната цел ќе биде во нејзина и во полза на децата. Таа, исто така, за помош веќе се обратила до Хелсиншки комитет и Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Убавка Јаневска


