(Видео)Министерката Јаневска: Нема дилема каде треба да учат децата на Велешанката која се разведува од нивниот татко
Објавено: 2 септември, 2025, во 15:40 часот
„Сите деца мора да учат а Центрите за социјални работи треба да утврдат со кого живеат децата“, рече вчеравечер Министерката за образование Весна Јаневска на прашањето на Дума.мк каде треба да учат децата на велешанката, која пред три месеци, заминала со двете малолетни деца на ученичка возраст од семејниот дом од друга општина и се вратила кај својата мајка во Велес. Јаневска додаде дека се до завршувањето на судската постапка за развод и доделување на старателството децата треба да посетуваат настава.
Децата вчера не беа на училиште во Велес затоа што таткото се спротивстави на нивното префрлање од основното училиште во кое тие учеа до крајот на минатата учебна година во основно училиште во Велес.
Денеска Центар за социјални работи Велес издаде Решение за согласност за упис и за продолжување на образованието на двете деца како што пишува во документот „во интерес да посетуваат редовно образование во местото каде што престојуваат се до конечната одлука за старателство на еден од родителите врз нив“. Центар за социјални работи Велес во согласноста го наведува и училиштето во коешто децата треба да го продолжат образованието.
Велешкото училиште стапило во контакт со основното училиште во кое децата учеле и во утрешниот ден очекува исписница која што ќе овозможи да ги запише како ученици во Велес за да го продолжат образованието се додека суд не донесе конечна одлука по поднесена тужба од страна на мајката за развод. Доколку училиштето не ја испрати исписницата тогаш децата трет ден не ќе можат да посетуваат настава во оваа учебна година.
Убавка Јаневска


