Велес по четврти пат домаќин на „Фестивалот на Џез, World и Современа музика“
Објавено: 23 септември, 2025, во 14:56 часот
Градот Велес и оваа есен ќе пулсира во ритамот на џезот и современата музика – по четврти пат, од 25-ти до 28-ми септември 2025 година, ќе се одржи „Фестивалот на Џез, World и Современа музика“. Организатор на фестивалот е Здружението за култура, уметност и млади „Арт Генератор“, со делегирана надлежност од Општина Велес, а поддржан и од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
Програмата на фестивалот е внимателно конципирана и ќе се одвива на неколку локации низ градот, поточно Театарот „Ј.Х.К Џинот“, паркингот пред театарот, како и на Спомен костурницата. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во концерти, уметнички изложби, перформанси, работилници и DJ/VJ сетови, со учество на реномирани артисти од САД, Грција и Македонија.
Фестивалската програма започнува на 25 септември, кога во просториите на Театар „Ј.Х.К Џинот“ ќе се одржи работилница по цијанотипија во соработка со Центарот за креативни индустрии – НЕБО. Работилницата ќе ја водат Јасмина Котевска и Иван Алушевски и ќе започне во 12:00 часот. Истата вечер, со почеток во 19:00 часот, ќе се отвори ликовната изложба насловена „Преиспитувања“ од уметниците Никола Пијанманов и Тони Попов, под кураторство на Јасмина Котевска.
На 26 септември, на големата сцена во Театарот ќе настапат два состави: интернационалната група Transverse, составена од McCollough, Спасовски, Туфекчиевски и Филипоски, и македонската група Parussion Group. Концертите ќе започнат во 21:00 часот, а цената на влезницата е 500 денари. Истата вечер, веднаш по концертите, на паркингот пред театарот ќе следува DJ/VJ сет со Edit Points, кој ќе биде бесплатен за посетителите.
Третиот фестивалски ден, 27 септември, ќе започне со уметнички перформанс насловен „Во тек“, што ќе се одржи на Спомен костурницата во Велес. Перформансот, кој ќе го изведат Dine Doneff и Toma Dimovski од Грција и Македонија, започнува во 19:00 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани. Подоцна истата вечер, во 21:00 часот, на големата сцена во Театарот ќе настапи познатото Влатко Стефановски Трио. Влезницата за овој концерт ќе чини 1000 денари. Веднаш по настапот на Влатко Стефановски, на паркингот пред театарот ќе се одржи бесплатен концерт на македонската група Паркети, кој ќе започне во 22:30 часот.
Последниот ден од фестивалот, 28 септември, е резервиран за настапот на Dine Doneff со проектот „Storytales“. Концертот ќе се одржи во Театарот со почеток во 21:00 часот, а цената на влезницата е 300 денари. Фестивалот ќе заврши со голема завршна забава организирана од Арт Генератор, која ќе започне во 22:30 часот на паркингот пред театарот и ќе биде со бесплатен влез.
Организаторите нудат можност за купување блок билети по цена од само 1300 денари, кои овозможуваат пристап до сите платени настани на фестивалот. Билетите ќе бидат достапни на билетарата на Театар „Ј.Х.К Џинот“ секој работен ден од 10:00 до 14:00 и од 18:00 до 20:00 часот, како и за време на фестивалските денови. Резервации може да се направат на телефонскиот број 072 269 336, а резервираните билети важат 48 часа.
Сите фестивалски вечери – и во театарот и на паркингот – ќе бидат збогатени со видео мапинг од визуелниот уметник Борче Конзулов, а за графичкиот дизајн на фестивалот и годинава се погрижи Филип Коруновски.
Преку ова фестивалско издание, „Арт Генератор“ продолжува со својата мисија за децентрализација и деметрополизација на културните содржини, со цел да се овозможи пристап до квалитетна уметност и култура и надвор од главниот град. Со поддршка од бројни спонзори и соработници, меѓу кои Театар Ј.Х.К Џинот – Велес, Marquart, Делта Пром, Brako, Simit Petrol, Agria, Tarantino, Printelix, Different, Infinity Graphics, Next AI и Auto Rentals, фестивалот уште еднаш потврдува дека Велес сѐ поцврсто го зазема своето место на културната мапа на Македонија.
Стефани Манева


