Македонија со загрижувачки број млади пушачи – здравствените работници во Велес се вклучуваат во борбата против пушењето

Објавено: 24 септември, 2025, во 15:40 часот

Македонија е меѓу водечките земји во Европа со 46% од населението кои користат тутун и никотински помагала кај лица на возраст над 16 години, што значи дека секој втор граѓанин во Македонија користи тутун, оваа информација ја сподели Проф. д-р Катарина Ставриќ на денешната едукација на здравствениот персонал на медицински сестри и техничари којашто се одржа во ЈЗУ Општа болница Велес.

-Цигарите имаат штетни ефекти врз здравјето на луѓето бидејќи нема систем од организмот којшто не е засегнат, затоа многу е битно ние како здравствени работници активно да го промовираме тоа и да разговараме со граѓаните за да им понудиме опции да се одвикнат од пушењето, додаде Проф. д-р Ставриќ.

Во болнички услови медицинскиот персонал доаѓа во контакт со граѓани коишто веќе имаат некаков здравствен проблем и со разговор многу полесно може индивидуално да се мотивираат за да се одвикнат од цигарите. Проф. д-р Ставриќ објасни дека со конзумирање на никотинот може да се добијат кардиоваскуларни заболувања, распираторни и хронични заболувања, карциономи, бидејќи нема орган којшто не е засегнат од штетните ефекти од цигарите.

-Секако на еден млад човек ако му зборувате за карцином на бели дробови нема ништо да му значи, но ќе му значи изгледот и кожата. Затоа денеска разговараме со медицинските сестри и техничари и даваме акцент на тоа индивидуално да се пристапува со пациентите и да се мотивираат, да се дава фармаколошка и нефармаколошка поддршка во процесот на одвикување, додаде проф. д-р Ставриќ.

Велешките здравствени работници активно се вклучуваат во превенцијата и поддршката за одвикнување од пушење, со цел подобрување на јавното здравје.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.