Грејната сезона стартува на 15 октомври
Објавено: 30 септември, 2025, во 15:28 часот
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека грејната сезона за 2025/2026 година официјално ќе започне на 15 октомври и ќе трае до 15 април. Доколку надворешните температури се спуштат под 12 ºС, греењето може да почне порано, од 1 октомври, а најдоцна да заврши на 30 април.
Во периодот од 13 до 17 октомври се очекува краткотрајно прекинување во испораката на природен гас поради планирани ремонти на регионалните системи и гасоводот „Турски тек“. НОМАГАС уверува дека количините гас ќе бидат соодветно распределени за да се избегнат сериозни проблеми со снабдувањето.
Според правилата, снабдувачите се должни да обезбедат температура од 20 ±1 ºС во грејните простории од 06:00 до 22:00 часот.
РКЕ апелира до станарите и заедниците на станари редовно да ги проверуваат внатрешните инсталации и да ги подмируваат сметките за електрична енергија за топлинските потстаници, со цел новата сезона да започне без проблеми.
Дума.мк
