Поповски: Руски ладен бран во Македонија – снег ќе има и во градовите!
Објавено: 3 октомври, 2025, во 09:10 часот
„Под влијание на многу ладна воздушна маса која од исток и од североисток, од Русија, се спушта кон Македонија, денес, петок, 3 октомври, ќе биде уште поладно од вчера и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 0 до 9 степени. Ќе дува повремено засилен ветер од северен правец најизразен во Повардарието каде локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час.
Денес снежната граница ќе се спушти и на помала надморска височина, односно под 1000 метри, па така повремен снег ќе има и во дел од градовите на повисока надморска височина особено во северните предели во Македонија.
Во Скопскиот регион ќе има повремен дожд а на околните планини и повисоки места ќе провејува повремен снег проследен со засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до околу 7 степени,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.


