Есенска пловидба по Вардар на велешките извидници и учесниците во „Вардарска регата“
Објавено: 12 ноември, 2025, во 10:24 часот
Од Зелениково до Велес изнесуваше рутата за пловење во река Варда на членовите на ИО „Димитар Влахов“ и учесниците во „Вардарска регата“ во чест на 9 Ноември – денот на ослободувањето на Велес од фашистичкиот окупатор. На празникот на градот, во неделата, ова беше прва есенска пловидба. Чамецот стигна до локација Мало мовче, во центар на Велес, каде учесниците во пловидбата оддадоа почит на сите загинати борци за слободен Велес пред споменикот на Гемиџиите .

-Се надеваме дека оваа активност ќе прерасне во традиција по повод денот на ослободување на Велес. Сите учесници на ова есенско спуштање положивме свежо цвеќе на споменикот на Гемиџиите во Велес. Велешките извидници – речни номади и чувари, исто така, со ова пловење имаа за цел да го промовираат течението на Вардар и неговата заштита, да идентификуваат еколошки проблеми и можните потенцијални загадувачи на реката на овој потег,“ рече Ангелче Гушев старешина на ИО „Димитар Влахов“.

Оваа активност е во рамки на глобалната иницијатива Champions for Nature Challenge и проектот Green Skills Rising, Сојузот на извидници на Македонија каде се дава поддршка на млади извидници кои се подготвени да преземат локални еколошки иницијативи и да бидат двигатели на позитивна промена во своите заедници.
Стефани Манева


