Уште два тима од велешката гимназија во ТОП 50 на „Милионер“, гласајте за EduLink и EduVerse
Објавено: 14 ноември, 2025, во 10:30 часот
Покрај тимот средношколци од велешката „Гимназија Кочо Рацин“ кои се натпреваруваат со проектната идеја „StreetSafe!“, во рамки на натпреварот „Милионер“ уште два тима од истото училиште успеаја да се пласираат меѓу најдобрите 50 во Македонија.
Тоа се тимовите „EduLink“ и „EduVerse“, составени од млади гимназијалци кои преку своите проектни решенија носат нова визија за образование и дигитална поврзаност.
Тимот средношколци на проектната идеја „EduLink“ го сочинуваат Андреј Бошковски, Лука Андреев и Анѓел Димов од II-2 клас. Тие веруваат дека вистинското знаење се гради преку пракса, менторства и реални предизвици.
-„EduLink е дигитална платформа што ги поврзува средношколците со ментори и компании преку реални проекти и предизвици. Учениците стекнуваат практично искуство, сертификати и препораки, а менторите и компаниите добиваат свежи решенија и таленти. Платформата користи AI за паметно спојување според интереси и ниво на знаење.“ – изјавија Андреј, Лука и Анѓел.
Втората проектна идеја „EduVerse“ е на Јована Левкова од II-2 клас. Нејзината идеја го трансформира учењето во интерактивно, динамично искуство кое ги носи учениците чекор поблиску до современите технологии.
-Со EduVerse, секој предмет станува доживување, учениците можат виртуелно да посетат историски настани, да експериментираат во 3D лаборатории или да вежбаат говор во симулирана средина. Алгоритмот на платформата се прилагодува на секој ученик поединечно – ги следи неговите резултати и му предлага активности според неговите интереси и ниво на знаење.“ – изјави Јована.
И двете проектни идеи се селектирани меѓу 50-те најдобри во државата, што претставува огромен успех за велешката гимназија.
А сега е ред на ваш Велешами, победата зависи од бројот на гласови, затоа поддржете ги младите таленти и гласајте на следните линкови:
„EduLink“ – https://milioner.mk/vote/a1ded262-949e-449e-9145-98e3808a0084
„EduVerse“ – https://milioner.mk/vote/6dd20570-219c-4247-a4f9-24426189f0e3
Вашата поддршка значи многу – таа е ветер во грб за младите иноватори кои создаваат решенија за подобра и модерна иднина.
Стефани Манева


