Поповски: Македонија на удар на обилни дождови и опасност од поплави
Објавено: 18 ноември, 2025, во 08:28 часот
„Под влијание на серија големи влажни воздушни бранови од запад коишто се поврзани со циклонски систем со центар над Џенова во Македонија до крајот на оваа недела следува многу нестабилно време со чести и обилни врнежи од дожд кои локално ќе бидат проследени со појава на грмежи и со засилен до повремено силен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час). Процесите локално ќе бидат застапени во форма на невреме.
И во Скопје и околината до самиот крај од оваа недела времето ќе биде многу нестабилно со чести и обилни врнежи од дожд проследени со повремено засилен до силен ветер од јужен правец а можна е и појава на грмежи.
На многу места во Македонија ќе наврне големо количество на воден талог (над 50 литри дожд) а локално и над 80 литри дожд. Најмногу врнежи ќе има во западните предели на државата каде тие ќе надминат 100 литри, на места и над 150/200 литри, до крајот на неделата. Токму поради ова расте можноста за зголемување на нивоата на реките и на езерата. Исто така можни се и локални поплавувања. Апелирам на голема внимателност од страна на граѓаните. Особено внимателни да бидат возачите и да не се движат покрај водотеците.
Значително количество на дожд ќе наврне и во делови од Скопската котлина кои ќе надминуваат 30 литри дожд.
Температурите, поради изразеното јужно воздушно струње, остануваат без промени во однос на актуелните од деновиве занчи натпросечно високи за ноември,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


