Хуманитарна оперска гала вечер утре во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес

Објавено: 19 декември, 2025, во 14:27 часот

Велешката публика утре, на 20 декември, ќе има можност да ужива во вистинска музичка магија и истовремено да придонесе за благородна цел. Во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи Хуманитарна оперска гала вечер за поддршка на лицата со попреченост. Настанот го организира Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, овластен и лиценциран давател на социјалната услуга „Живеење со поддршка“.

Во предновогодишна атмосфера исполнета со звуците на класичната музика, публиката ќе ужива во настапите на врвни македонски оперски уметници Полина Тасева, Вариса Хајдарпашиќ, Вероника Караколева и Магдалена Тодоровска – сопрани, Влатко Груевски – тенор и Дарко Тодоровски – бас баритон, во придружба на пијанистите Андреј Наунов, кој воедно ќе биде и диригент и Фросина Џини.

-Овие наши врвни уметници со своите изведби ќе придонесат оваа вечер да биде исполнета со благородна цел – целосниот приход од влезниците од концертот е наменет за поддршка на лицата со попреченост, корисници на социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка“. Оваа услуга обезбедува независно живеење на корисниците во станбени единици со 24 часовна поддршка од страна на стручни лица и негуватели за поддржано живеење. Тимот им обезбедува остварување на основните и инструменталните активности во секојдневниот живот, социјализација и интеграција во општеството, соопштија организаторите.

Донациските влезници се по цена од 1.000 денари и можат да се набават во билетарата на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, како и преку Здружението, со уплата на следната сметка:

Примач: Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес
Трансакциска сметка: 290 000027359871
Банка: ТТК банка
Цел на уплата: „Донациски влезници за хуманитарна оперска гала вечер“

За обезбедување влезници, граѓаните можат да ги контактираат:
Маја Николовска – 070/265-061
Елена Трипчева – 071/225-523
Драгица Пановска – 075/279-940
Јорданчо Бајрактаров – 077/920-160

По завршување на настанот, најдоцна до 30 декември, Здружението ќе објави извештај за вкупно собраните средства на својата веб-страница и на социјалните мрежи.

Организаторите упатуваат отворена покана до сите граѓани за заедно да ја споделат моќта на музиката и хуманоста и да дадат свој придонес кон подобар и подостоинствен живот за лицата на кои поддршката им е најпотребна.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.