Хумани оперски уметници и публика беа дел од првата успешна Хуманитарна Гала вечер „Заедно за нов дом“ во Велес (фото и видео)
Објавено: 21 декември, 2025, во 15:25 часот
Има надеж за лицата со попреченост наместо во институции да живеат во четири нови групни домови во Вардарски плански регион. Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, овластен и лиценциран давател на социјална услуга „Живеење со поддршка“, треба да е задоволно од одзивот на хуманите Велешани кои со купена влезница на синоќешниот концерт, први донираа за остварување на нивната цел. Поддршката од оперските уметнички и уметници, со која што покажаа дека пред се тие се хумани луѓе а потоа и големи професионалци, е најзначајниот момент и за лицата кои очекуваат да им се промени животот и за хуманите луѓе. Меѓу нив е и Огнен Јанески, новинар, истражувач, обучувач и познат водител на хуманитарни настани.


Секако, Далиборка Златева е личноста која поттикна, организираше и покажа дека Велешани можат да бидат извонредна хумана публика на прва Хуманитарна Гала вечер на оперска музика.
Хуманитарната манифестација со своето присуство ја поддржаа двајца градоначалници, Марко Колев на Велес и Киро Нацков на Градско како и само две советнички на Совет на Општина Велес, Лилија Чолакова Дервишова и Селма Пампурова Амедовска. Сите поддржувачи, присутни и кои не беа присутни на настанот но одвоија институционална финансиска поддршка, добија благодарници.

Сепак, публиката неполни два часа уживаше во изведбите на Полина Тасева, Вариса Хајдарпашиќ, Вероника Караколева и Магдалена Тодоровска – сопрани, Влатко Груевски – тенор и Дарко Тодоровски – бас баритон, во придружба на пијанистите Андреј Наунов, Фросина Џини и Илија Настов. Освен со арии и канцони, оперските уметници и уметнички, приредија празнична вечер со изведба на познати божиќни песни како и на македонски евергрин композиции.
Убавка Јаневска


