Моќен циклон од Џенова, од недела 25 јануари, носи многу дожд и снег
Објавено: 22 јануари, 2026, во 09:04 часот
„По краткотрајна стабилизација и престанок на врнежите кои што не очекуваат во наредните два до три дена, особено од недела, 25 јануари попладне и вечер, како и во понеделник 26 јануари, во Македонија, под влијание на моќен циклонски систем со центар над Џенова ни следува нова голема промена на времето.
Ќе имаме зголемена облачност со пообилни врнежи од дожд проследени со засилен јужен и југоисточен ветер како и услови за локална појава на нестабилност проследена со грмежи. На планините ќе врне снег и ќе се зголеми постоечката снежна покривка. За време на овој период ќе наврне ново значително количество на воден талог и тоа локално над 30 литри на метар квадратен.
Поради нов продор на поладен воздух од север. во понеделник, снежната граница повторно ќе се спушти и особено во повисоките населени места врнежите од дожд ќе преминат во снег и ќе се формира снежна покривка а снежната граница ќе се спушти под 1000 метри надморска височина особено во западните и во северните предели од Македонија.
Во Скопје и околината со оваа циклонска активност ќе има пообилни врнежи од дожд проследени со засилен југоисточен ветер а во околните планини ќе врне снег особено во понеделник на 26 јануари.
До сабота температурите ќе бидат во пораст и на повеќе места тие ќе се искачат или ќе надминат 10 степени а потоа повторно тие ќе опаѓаат особено од недела 25 јануари, попладне и во вечерните часови,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


