Проект од „Еразмус +“ донесе наставници и граѓански организации од три европски држави во Лозово за темата: „Младите и екраните -токсична релација?“ (видео и фото)
Објавено: 29 јануари, 2026, во 15:19 часот
Седум наставници од Франција, Шпанија и Бугарија како и преставник на граѓанска организација од Шпанија преку проектот „Младите и екраните -токсична релација?“ од „Еразмус плус“ програмата се во работна посета на ООУ „Методи Митевски Брицо“ во Лозово. Сите тие заедно разговараат за последиците од „Влијанието на екраните и социјалните мрежи врз децата и младите“, разменуваат искуства и добри практики, како и креираат транснационални активности и модели кои што можат да се применат во различните образовни и локални средини со цел да се спречат негативните последици коишто оставаат траги и можат да бидат лош предизвик за децата – учениците.
Наставничката Светлана Стојковска во ООУ „Методи Митевски Брицо“ којашто е координаторка на македонскиот тим во проектот рече дека идејата за темата резултат е на досегашната соработка на партнерите во овој проект.
Како психолог во училиштето во прекуморска Франција или Гваделупе, Силви Дувинаж, која е координаторка во проектот на францускиот тим во својата професионална работа се сретнала со голем број на негативни примери од прекумерната употреба на екраните и социјалните мрежи од страна на учениците во училиштето. Таа ги соопшти своите очекувања од резултатите на работата во проектот како и првите впечатоци за Македонија.
Нејзината колешка, Карин Анзала, додаде дека впечаток и оставила опременоста со дигиталната технологија која ја имаат на располагање учениците на ООУ „Методи Митевски Брицо“ во Лозово наспроти многу помалата во нејзиното училиште и очекувањата како таа може да се стави за корисни придобивки во образовниот процес.
Во 21 век дигиталните технологии навлегоа во секоја пора на животот и во еден момент почувствувавме дека децата се претворија во роботи за што наставниот кадар на средно училиште „Никола Вапцаров“ веќе превзел мерки преку образованието, констатираше наставничката Заприна Глушкова од ова средно училиште, во градот Хаџидимово во Р.Бугарија. Тоа е само една од причините за вклучувањето во проектот за кој Глушкова додаде:
Воспоставената соработка со училиштата од трите земји како и со граѓанските организации и со општините овозможува многу побрзо прогрес на проектот и секако побрза реализација на наредните активности,особено на резултатите кои би се темелеле на размена на искуства, рече Назарет Перал од невладината организација „Глоберс Рода де Бара“ од Шпанија. Таа посакува наскоро да биде применета добрата практика од Австралија на примена на мобилните телефони со навршување на 17 години од страна на учениците.
За градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски, кој беше домаќин на една од седумдневните средби на проектните учесници, особено значајни се конкретните насоки и активности.

„Како градоначалник, силно верувам дека преку дијалог, соработка и учење едни од други, можеме да создадеме трајни и квалитетни политики во интерес на младите.“
На средбата беше разговарано за намалување на штетното влијание од прекумерната употреба на екраните и социјалните мрежи со што ќе се поттикне критичко и одговорно користење на дигиталните алатки, ќе се зајакне грижата за менталното, социјалното и образовното здравје на младите, а позитивните европски искуства ќе се преточат во реални и применливи решенија и за учениците и за општините.
Убавка Јаневска


