ССМ пред утрешната блокада на Собранието: „Пратениците една година молчат за зголемување на минималната плата“

Објавено: 9 февруари, 2026, во 14:03 часот
Фото: Собрание на РСМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре, вторник, ќе одржи протест пред Собранието на Македонија, со почеток во 9:00 часот. Протестот ќе се одвива на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“.

„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, бараме минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата“, пишува во соопштението на ССМ.

Додаваат дека пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на платите, иако работниците им дале мандат да уживаат во луксуз, со зголемување на нивните плати од 79 отсто. Дополнително, пратеничките плати би се зголемиле за уште 12,6 отсто доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година, како и за 9,2 отсто – колку што, според пресметките на гувернерот на Народната банка, изнесува порастот на просечната плата за 2025 година. Со тоа, вкупното зголемување би достигнало 21,8 отсто.

„Најмалку 250 евра повеќе за пратениците, а ни 25 евра за работниците – тоа е срамно. Истите тие пратеници уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и надоместоци за патни трошоци, права кои им се ускратени на работниците и не им се утврдени како право на храна и превоз“, потенцираат од ССМ.

Синдикатот предупредува дека пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев. Преку блокада, ќе им биде оневозможено да наплатуваат патни трошоци кои, како што велат, надминуваат и 100 евра за еден ден, па ќе мора да дојдат пеш или со јавен превоз, како и другите работници.

„Ги потсетуваме дека не само што мора итно да гласаат за зголемување на минималната плата и на сите останати плати, туку мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати, согласно иницијативата на ССМ. Доколку и понатаму молчат, ќе преминеме на собирање 10.000 потписи со кои ќе ги намалиме нивните, а ќе ги зголемиме работничките плати. Ќе мора да изберат – дали ќе гласаат за себе, а против работниците, или ќе гласаат за работниците“, пишува во соопштението.

Организаторите соопштија дека за време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата. Тие им се извинија и на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по наведените улици, посочувајќи дека секој итен случај ќе биде пропуштен.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.