Управување на возило во пијанство чини и 49.200 денари со одземена возачка до 12 месеци, минатата година полицијата фати 173 пијани возачи на територијата на општина Велес

Објавено: 12 февруари, 2026, во 10:09 часот

Во изминатата година не беше мал бројот на информации од Сектор за внатрешни работи Велес во кои сообраќајната полиција санкционираше возачи кои возеле автомобил под дејство на алкохол и сториле кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Сите беа мажи, на различна старосна возраст. Сообраќајна полиција во редовни контроли го утврдуваше количеството на алкохол во крвта и резултатите беа причина за нивно исклучување од сообраќај, дел да бидат лишени од слобода со привремено одзимање на возилата што ги возеа како и за поднесените кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило.

Статистиката на полицијата покажува дека во текот на 2025 година, на подрачје на Сектор за внатрешни работи Велес, вкупната бројка на исклучени возачи кои управувале возило под дејство алкохол изнесува 451 лице. Од нив најголем број или 173 се регистрирани на територијата на општина Велес, 144 во неготинско и за 10 помалку во кавадаречко.

Од регистрираните 173 возачи кои возеле под дејство на алкохол на територијата на општина Велес скоро половина или 58 биле лишени од слобода затоа што алкотестот покажал дека возеле автомобили со регистрирани од 0,51 промили како најниско до највисоки 3,01 промили на на алкохол во крвта.

„Во 2025 година, СВР Велес има поднесено вкупно 173 барања за поведување на прекршочна постапка и 14 кривични пријави за сторени кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“ казниво по член 297-а од Кривичниот законик. Барањата за поведување прекршочна постапка се доставени до надлежен суд, додека кривични пријави за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило се поднесени до надлежно јавно обвинителство,“ рече портпаролката Ана Милевска Георгиева.

Дума.мк побара и Основно јавно обвинителство Велес одговори на новинарските прашања колку од кривичните пријави се процесуирани во предмети и Основен суд Велес постапувал, какви пресуди биле донесени, колкав е бројот на возачи кои го признале кривичното дело и ја платиле казната, колку ги чинела казната и била причина за  одземање на возачката дозвола и за колкав период.  

„Oсновно јавно обвинителство, во текот на 2025 година, од Сектор за внатрешни работи Велес прими 11 кривични пријави за кривично дело Безобѕирно управување со моторно возило под дејство на алкохол по член 297a од Кривичниот законик и по сите оформи јавно обвинителски одлуки кои ги достави до Основен суд Велес. Од нив 7 се обвинителни предлози и 4 предлози за издавање на казнен налог. Од страна на Основен суд Велес донесени се 7 одлуки од кои 2 одлуки – пресуди со кои е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која што на обвинетите име е утврдена казна затвор и истовремено е определено дека нема да се изврши доколку обвинетите во времето кое што го определил судот нема да сторат ново кривично дело. Двајца обвинети признаа вина а во 5 одлуки – пресуди на обвинетите им е изречена парична казна во висина од 18.450 до 49.200 денари. Вo еден предмет обвинетиот призна вина, додека за 4 предмети поднесени се обвиненија и за нив во тек е судска постапка,“ соопшти обвинителството.

ОЈО Велес додаде дека во сите седум одлуки донесени од Основен суд Велес покрај изречените условни осуди и парични казни биле изречени и седум казни „забрана за управување на моторно возило од Б категорија во времетраење од шест месеци до една година.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.