Во недела, за шест часа, се создава буњиште со смет околу контејнер на главна улица во Велес
Објавено: 3 март, 2026, во 11:22 часот
Во утринските часови чист простор додека шест часа подоцна буњиште. И покрај подземниот, кој вообичаено останува полу празен, се полни пластичниот контејнер и се остава отпад и смет околу него. Оваа грда слика, секоја недела, неработен ден за најголем број на велешани но не и за комуналната градска служба, ја има на главната улица во градот поточно кај железничкиот премин на спојот на улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“.
Сметот и отпадот во двата контејнери се празнат два пати во денот, иако е недела, соопштија од ЈКП „Дервен“. Оттаму додадоа дека ја знаат состојбата и потврдија дека не се променува и покрај постојаните апели коишто ги упатија до граѓаните. И не само за оваа локација на која имаат поставено подземен и надземен, пластичен контејнер. Сепак комуналното претпријатие не е подготвено да воведе казни за несовесните граѓани. Ниту за тие што го оштетиле капакот на подземниот контејнер кај мост „Гемиџии“ затоа што сметаат дека „нема видео надзор и не може да се утврди причинителот или причинителите“ како на буњиштата така и на штетата од поставената комунална инфраструктура.
Но, на локациите покрај железничките премини на пругата Скопје – Гевгелија во Велес има видео надзор ЈП „Национални железници“. Така како што се поставени камерите, тие, мора да можат да снимат видео материјали и од локациите на кои се наоѓаат контејнерите.

Соседите до оваа локација тврдат дека освен што се претрпува со смет и отпад таа често предмет е и на граѓани кои го пребаруваат пластичниот контејнер и дополнително го расфрлаат сметот како на улица така и во делот на железничката пруга. Така дел од сметот завршува и во каналот кој ги собира отпадните води што се сливаат од улиците и заедно со сметот ги носи до вториот железнички премин за влез во населба „Дворови“. Сметот е причина за чести застои на дождовната вода.

Освен што е грда слика, ваквите количини на исфрлен смет претежно од домаќинствата, не треба да ги има во близина на простор или на локации каде се купува храна, поточно пекарски производи и скара.
Убавка Јаневска



