Конституирана Комисијата за унапредување на права на пациенти на велешкиот Совет, Димова избрана за претседателка
Објавено: 4 април, 2026, во 09:24 часот
Советот на Општина Велес ја формираше Комисија за унапредување на правата на пациентите. Комисијата, согласно Законот за заштита на правата на пациентите, составена е од 11 члена кои се претставници на Советот и на граѓанскиот сектор. Поранешната судијка и петседателка на Основен суд Велес, Лидија Димова избрана е за претседателка на комисијата. Таа претставник е на граѓанскиот сектор поточно член на Управен одбор на Фондација за локален развој и демократија Фокус.
Комисијата за унапредување на правата на пациентите е формирана за да се овозможи заштита на правата на пациентот со што би се обезбедила квалитетна и континуирана здравствена заштита во согласност со тековните достигнувања во здравството и медицината, во рамките на системот на здравствена заштита и здравствено осигурување, соодветна на поединечните потреби на пациентот, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосно почитување на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес.

На конститутивната седица на Комисијата во која членуваат и д-р Лилија Чолакова Дервишова и Димче Ацков, како претставници на Совет на Општина Велес, Димче Велев – претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Далиборка Златева од Здружение на лицата со церебрална парализа и други попречености, Македонка Икономова Давчева од Здружение за помош на пациенти болни од рак „Љубов сме“ како и останатите членови разменија мислења и искуства и ја нагласија важноста од соработка помеѓу членовите на Комисијата во насока на подобрување на правата на пациентите.
Општина Велес, согласно законските надлежности на лесно достапно место и со цел за унапредување на правата на пациентите ќе отвори Канцеларија на Комисијата за унапредување на правата на пациентите во зграда на Општина Велес.

Убавка Јаневска



