Во четврток, доаѓаат големо заладување и планински снег
Објавено: 27 април, 2026, во 09:02 часот
„Под влијание на значително поладна воздушна маса од север, веќе во четврток, 30 април, во Македонија температурите значително ќе опаднат за околу и за повеќе од 10 степени во споредба со тие што ги имаме сега. Времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд додека поради заладувањето на планините над 1200/1300 метри надморска височина врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег.
Се ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје и околината, исто така, во четврток, времето ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд и со повремено засилен ветер од северен правец. И во Скопје и околината очекувам значително заладување на времето.
Температурите во четврток во Македонија ќе бидат значително под просекот за овој период од годината и ќе се искачуваат во интервал од 9 до 18 степени. Во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 14 степени.“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк

