Дожд, грмежи, силен ветер и Сахарска прашина ќе ја зафатат Македонија
Објавено: 7 мај, 2026, во 09:08 часот
„Под влијание на Атмосферски фронт кој преку Алпите ќе се спушти до нашиот дел од Европскиот Континент, веќе од денес, четврток, 7 мај, па до крајот на неделава времето во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет а пообилни на повеќе места, утре, петок 8 мај.
Локално ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме со силен ветер, електрични празнења и со услови за појава на град.
И во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд а во делови од котлината ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Исто така ќе дува умерен а повремено и засилен ветер од јужен и од југоисточен правец а во сабота, на 9 мај, ќе дува повремено засилен ветер од северен правец и особено изразен во Повардарието.
За време на овој бран на врнежи локално ќе наврне позначително количество на дожд (над 20 литри на метар квадратен дожд).
Што се однесува до температурите тие особено утре, петок, 8 мај, ќе бидат пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 14 до 23 степени а за време на викендот, особено, во недела, на 10 мај, повторно ќе бидат во пораст и тоа во Повардарието и во југоисточните предели очекувам летни, до околу 30 степени.
Да напоменам дека поради јужното воздушно струење од денес,четврток, 7 мај, па до крајот на неделава во атмосаферата ќе биде присутно значително количество на Сахарска прашина и на песок што ќе допринесе таа повторно да биде доста заматена и нечиста. Исто така, дождот кој го очекувам ќе биде помешан со прашина.“ соопшти метео прогнозерот Славчо Попоски.



