Благодарница од СВР Велес за младиот и чесен велешанец Илија Гигов на Денот на македонската полиција
Објавено: 7 мај, 2026, во 17:13 часот
Младото момче Гигов благодарницата и вниманието на велешката полиција го заслужи на своја 14 годишна возраст,деновиве, кога покажа како може да се биде човек притоа одржувајќи им лекција како на своите врсници така и на возрасните со својата одговорност, чесност и добро домашно воспитување. Гигов пронајде штедна книшка со 46 илјади денари на улица во својот роден град кои со помош на родителите, веднаш ги пријави во Полициска станица Велес
„СВР-Велес , Денот на македонската полиција – 7 Мај, реши да го одбележи со гест на укажување искрена благодарност и восхит на 14-годишниот Илија Гигов од Велес, кој со своја лична постапка покажа дека најважни одлики во животот на еден човек се чесноста, одговорноста и добрината.
Пред неколку денa, овој мал јунак со големо срце одржа лекција како за своите врсници, така и за возрасните. Имено, движејќи се кон училиште, Илија пронајде банкарска книшка и 23 банкноти од по 2000 денари. Без размислување веднаш ги известил своите родители, пронајдените средства ги пријавија во полиција и истите веднаш беа вратени на сопственикот. Илија со само 14 години со својата хуманост и добронамерност покажа високо ниво на морални вредности вредни за почит и благодарност. Неговата постапка претставува светол пример и инспирација за сите нас,“ соопшти Сектор за внатрешни работи Велес.
Тоа е причина за којашто денеска Гигов беше повикан од началникот на велешката полиција кој му ја врачи благодарницата. Овој млад јунак ги освои симпатиите и на огромен број свои сограѓани како и граѓани од други градови на Македонија кои во коментари го прогласија и му пишуваа ословувајќи го меѓу другите епитети и со „млад јунак“.

Убавка Јаневска



