Невреме ќе ја зафати Македонија – ќе дува ветер со брзина над 75 км/час, врнежи и грмежи
Објавено: 12 мај, 2026, во 08:40 часот
„Територијата на Македонија, денес, вторник, 12 мај,ќе биде под влијание на циклонска активност која од Џенова ќе пристигне над Македонија и ќе услови денот да биде многу поветровит. Ќе дува засилен до силен ветер од западен правец кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 75 км/час. И во Скопје и околината ќе биде многу ветровито со засилен до повремено силен ветер од западен правец.
Во попладневните часови локално ќе се развиваат конвективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и силен западен ветер. Локално, атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и ќе има појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен западен ветер до 80 км/час, електрични празнења и услови за појава на град. И во делови од Скопската котлина ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и со силен западен ветер.
Апелирам до граѓаните во случај на појава на невреме и на електрични празнења да обратат поголемо внимание, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер автомобилите да се заштитат и да не се ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои што се стари и осамени.
Инаку и денес во атмосферата над Македонија ќе биде присутно поголемо количество на Сахарска прашина и на песок па токму поради ова атмосферата ќе биде многу заматена и нечиста а времето ќе биде многу мачно и спарно.

Температурите денес насекаде ќе надминуваат 20 степени а во поголем дел од Македонија тие ќе надминат и 25 степени, додека во Повардарието и во југоисточните предели ќе се искачат до околу 30 степени. И во Скопје и околината се очекуваат близу 30 степени,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Попоски.
Дума.мк



