Велешки суд десеткуван со кадар, Камбовски дава надеж за одобрените четири нови вработувања

Објавено: 8 јуни, 2026, во 16:10 часот

Основен суд Велес и годинава работи со една третина од потребниот број на вработени ако се спореди вкупниот број, според Систематизација на работни места, со состојбата од пред три децении. Оваа државна институцијата, со проширена надлежност, има потреба од најмалку 10 нови вработувања. Со природниот одлив, поточно пензионирање, во овој суд  повеќе години нема примен помошен и технички персонал. Освен новоименуваните судии државата во изминатата деценија не одговорила позитивно, со обезбедување на потребни финансиски средства, за пополнување на местата на пензионираните  дактилографки, хигиеничари, доставувачи, благајници и архивари. Исто толку време велешки суд нема примено ниту стручни соработници. Институцијата работи со вкупно 45 вработени и успева секоја година да биде на листата на ажурни судови во Македонија.

Велешки Основен суд и за годинава, 2026-та, побарал од Судски совет одобрување за 10 вработувања а добил позитивно мислење само за 4 работни места. Поточно за 2 дактилографки и по едно вработување на хигиеничарка и доставувач. Според претседателката, се чека на приливот на финансиски средства за одобрените 4  вработувања.

Според претседателот на Судски совет, Александар Камбовски остварена е средба со министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочоска, на која пренесени се потребите на сите судови во Македонија.

-Очекувам по усвојување на Ребалансот на државниот буџет Судски совет да ги добие бараните финансиски средства не само за Основен суд Велес туку за сите судови во државата. Штом финансиските средства ќе бидат префрлни ќе дадеме одобрување за започнување на постапките за прием на одобрените вработувања. Не би можел да дефинирам краен рок но еве ќе си дозволам да кажам дека спроведувањето на постапките за вработување очекувам да завршат летово, додека траат одморите, и новите работници да започнат со работа на 1 септември, додаде Камбовски.

Оваа изјава на првиот судија во државата е особено важна за Основен суд Велес кој има сериозни проблеми на повеќе таботни позиции, но најкритична состојбата се чини дека е со дактилографскиот кадар. Овој профил на вработени во институцијата има просек на возраст од 50 години, истрошен е и најчесто приморан да користи боледување. Тоа пак може да го доведе во ризик одржувањето на  судските рочишта. Не помалку важни се и доставите на поканите за одржување на рочиштата, главните претреси, судењата или одржувањето на хигиената како и работата на судската Архива или Благајна. Затоа неопходно потребно е пополнување на работните позиции архивар, благајник, доставувач и секако стручни соработници.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.