Двајца тешко повредени од вкупно девет лица во сообраќајка на автопат Велес – Гевгелија, кај Градско – во велешка болница хоспитализирани се седуммина пациенти

Објавено: 30 јули, 2026, во 12:06 часот

Во сообраќајната несреќа која што се случи претпладнево нешто по 09:00 часот на автопатот „Пријателство“, во близина на Градско, повредени се вкупно девет патници кои патувале со две возила. Прва помош им укажале екипи на Итна медицинска помош кои ги пренеле во Општа болница Велес.

Според првичните информации на портпаролката д-р Ана Марија Џунџева сите повредени во болницата се примени околу 10:00 часот. Двајца од ни итно се пренесени на скопски клиники додека на болничко лекување во Велес се задржани седуммина пациенти.

-Жена со тешки телесни повреди поточно скршеници на лице и маж со скршеница на десна потколеница, по извршени прегледи, снимања и добиени резултати се итно транспортирани на скопски клиники. Жената е транспортирана на Клиника за Максилофацијална хирургија во Државна клиника додека на лично барање на пациентот маж нему му е обезбеден транспорт до приватна клиника во Скопје. На Одделение за хирушки болести на Општа болница Велес се хоспитализирани седуммина пациенти. Од нив три се малолетни деца, едно е полнолетно момче и една е жена кои патувале во едно од возилата, учесник во сообраќајната незгода. Од второто возило примени и пружена им е здравствена помош на еден маж – возач како и на три жени сопатници, рече д-р Џунџева.

Според неа засега сите пациенти задржени на болничко лекување во Општа болница Велес не се во животно загрозувачка состојба.

Според информации на Дума.мк , на местото на несреќата увид врши Увидна екипа на Сектор за внатрешни работи Велес, од каде најавија информација за сообраќајната незгода по завршување на увидот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.