Заминало од Велес многубројното семејство од импровизираниот дом кај Агенција за вработување, ќе се јави ли стопан што ќе ја исчисти и уреди државната земја?

Објавено: 21 август, 2026, во 08:25 часот
Фото: Батали.нет

Ги натовариле арабаџиските коли, ги собрале и децата и домашните животни, дел од нив седнале и во црното комбе за кое постоеја сомнежи дека го возат без регистрација па сите 20-тина членови на многубројното семејство кое живееше во импровизираниот супстандарден дом на ул:„Петре Прличко“ си заминале од Велес. Граѓаните од месноста Варналии како и жителите од соседната куќа, од околните згради и деловни простории, од продавниците како и вработените во приватните здравствени установи се надеваат дека можат да здивнат од смрдеата и да се спасат од нехигиената која се шири од овој, според нив, узурпиран простор повеќе од осум години. Дали времено или трајно си заминале, Дума.мк прашаше во Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Велес.

Оттаму потврдија дека кај нив дошле носителите на корисничкото право на социјална помош и други додатоци од ова семејство и ги информирале дека заминуваат од Велес со образложение дека ќе престојувале поточно сезонски ќе работеле во друга општина и немале намера да се вратат назад.

-Сепак двајца мажи сеуште се наоѓаат внатре во оградениот простор со најлони, картони и тенекии. Денеска тие не предупредија да не ги вознемируваме и се закануваа ако употребиме телефон за фотографирање, рекоа неколкумина граѓани од овој дел на Велес.

Тие побараа од Дума.мк да ги праша локалните и државни институции дали имаат намера да го дезинфицираат, расчистат и уредат просторот, кој што бесправно го користеше ова семејство, затоа што стравуваат дека е потенцијален извор на заразни болести, болви и вошки. За нив особено е значајно да дознаат што сега планираат да сторат Општина Велес и Акционерското друштво за стамбен и деловен простор.

Дума.мк испрати новинарски прашања до Општина Велес и побара одговори за тоа што ќе превземе Општина Велес за да го врати во нормална, хигиенски безбедна и чиста состојба картонско најлонскиот простор што семејството го користеше и кога, како и што според Деталниот урбанистички план за овој дел на Велес е планирано да се гради или уредува на посочениот простор веднаш до зградата на Агенцијата за вработување во градот. До објавувањето на овој текст Дума.мк не доби одговор од локалната власт.

Според Акционерското друштво за стамбен и деловен простор – Подрчна единица Велес во делот на воведување ред на бесправно узурпираната површина, која се наоѓа на државна земја поточно е сопственост на Република Македонија, требало да се спроведе тендерска постапка за избор на изведувач на градежни работи односно расчистувач на просторот и тоа немало да биде со краток рок бидејќи морал да се испочитува законот.

Сега сета надеж, за конечен спас од многучленото семејство, на граѓаните кои живеат во околината на овој дел, на левата страна на градот, е во одлуката на општината. Ќе има ли таква и кога зависи од одговорот на Општина Велес. Доколку Дума.мк го добие јавно ќе го објави.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.