Грипот се шири, речиси двојно повеќе заболени за една недела
Објавено: 6 ноември, 2026, во 16:10 часот
Значително зголемување на бројот на заболени од грип и слични заболувања во Македонија. Во текот на минатата недела, односно од 26 октомври до 1 ноември, регистрирани се 116 случаи, што е зголемување од 90,2% во споредба со претходната недела, кога биле пријавени 61 заболен.
Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, од вкупниот број новорегистрирани случаи, седум се во Гостивар. Најмногу заболени има во Тетово 48, а потоа следуваат Куманово со 26 и Скопје со 13 случаи.
Според возраста, најголем дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години, вкупно 84 лица. Регистрирани се и 25 заболени над 65 години и седум деца на возраст од 5 до 14 години.
И покрај неделниот раст, од ИЈЗ посочуваат дека сè уште не е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип. Сепак, бројот на пријавени случаи е за 23,4% повисок во споредба со истиот период минатата сезона. Од почетокот на сезоната 2026/2027, во земјава се регистрирани вкупно 343 случаи на грип и заболувања слични на грип. Најголем број, 127, се пријавени на територијата на Тетово.
Вакцинацијата против сезонски грип започна на 21 октомври, а од ИЈЗ потсетуваат дека таа е најефикасна заштита, особено за лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени, малите деца и здравствените работници. За бесплатните вакцини, наменети за ризичните категории, се закажува преку веб-страницата vakcinacija.mk.
Здравствените препораки се однесуваат на редовно миење на рацете, проветрување на просториите и избегнување близок контакт со заболени лица. Доколку се појават симптоми на грип, препораката е да се остане дома и да се избегнува контакт со други лица.
Дума.мк

