Вештина на смирено живеење и лавиринт на емоции – Денови на психологија во Велес на Меѓународен Славјански Универзитет
Објавено: 19 ноември, 2026, во 16:01 часот
Како да ги препознаеме сопствените чувства и како со нив да менаџираме, како да развиваме поголема емпатија кон себе, како да се справиме со гневот, стравот и анксиозноста, беа дел од темите презентирани на „Денови на психологијата 2026“ во „Киноверзум“ во Велес.
Присутните студенти и граѓани на Велес во салата имаа можност да слушнат инспиративни и мотивирачки говори на презентерите, професори на Меѓународен Славјански универзитет, кои се обидоа на стручен начин да продрат во мислите на присутните и ги поттикнаа на размислување за своите затскриени емоции и мисли.
– Колку повеќе обрнуваме внимание на тоа што се случува во нас, толку има повеќе можност да одиме на саморегулација, да ги управуваме нашите емоции. Всушност се однесува на тоа да оставиме простор помеѓу она што го доживуваме внатрешно во себе и начинот на кој реагираме. Свесно да избереме како да реаграме на мирен начин. Емоционалната интелегенција ја сочинува и емпатијата, која најчесто луѓето ја доживуваат со сочувствување со другите, што не значи дека само треба да ни предизвика жал кон партнер, пријател или колега, туку предизвик за поддршка преку освестување за стручна помош, доколку е потребно,рече проф. д-р Ѓоргина Кимова на Факултетот за психологија.
Животот на луѓето им го прават подобар стабилноста, за која придонесува финансиската, блиските релации со драги луѓе и емоционалните искуства поточно емоциите кои пластично претставуваат зачин на живеењето. Емоциите го одбележуваат личното искуство преку работите кои што ги правиме, луѓето во чие опкружување сме и нештата кои имаат наш најсилен интерес, потенцира доц. д-р Милена Спасовска на Факултетот за психологија.
-Среќата, е најпосакувана и најпозитивна емоција како единствена во спектарот а сите други во кругот на основни емоции како стравот, гневот и лутината се негативни по својот квалитет. Тоа што повеќето емоции ги поврзуваме со негативно искуство не значи и дека се лоши емоции. Исто како што и горчливиот вкус на црното чоколадо не е така лош. Основните емоции ни се потребни за да можеме да го разбереме нашето искуство бидејќи секоја емоција има сопствена функција. Среќата за пријатност и позитивност, останатите ни се потребни при разочарување, неправда, неочекувано изненадување или тага. И поради тоа сите емоции како што сите вкусови ни создаваат квалитетен оброк имаат смисла во човечкото функционирање. Односот на индивидуите најмногу добива на значење кога е силно присуството на емоциите, додаде доцент д-р Спасовска.
Во дискусијата освен проф. д-р Ѓорѓина Ќимова и доц. д-р Милена Спасовска, учествуваа и м-р Илинка Васкова, специјализант на медицинска психологија и арт-терапевтот Цветанка Бурзевска, кои придонесоа за разгледување на темата од различни психолошки перспективи.

Дел од програмата на настанот беше и проекцијата на филмот „Јас сум Роки“ во кој низ животната приказна на главниот лик, глумецот Силвестер Стелоне, беа прикажани борбата со сопствените емоции, предизвиците со кои се соочуваме и значењето на прифаќањето на себеси. Филмот поттикна дискусија и размислување за тоа колку често ги потиснуваме сопствените чувства и колку е важно да научиме да ги препознаеме, разбереме и прифатиме.

По проекцијата секој од учесниците на настанот доби задача на лист хартија да нацрта симболизирање на најекспресивниот дел или момент од филмот и како го доживеал.
Интересни беа размислувањата на учесниците кои преку своите цртежи на различен, но искрен и креативен начин, ги претставија емоциите како што се кај дел, стравот и осаменоста, додека другите надежта, борбата, љубовта и желбата за прифаќање.
Убавка Јаневска
Даниела Саздова


