„Сребрена ноќ“ ја освои Битола: Андријана Арлен приреди музичко-сценски спектакл
Објавено: 13 ноември, 2026, во 16:30 часот
По настапот во Битола, музичкото патување на „Silver Night“ продолжува кон Скопје, каде што на 7 декември во Македонската филхармонија ќе се одржи следниот концерт на Андријана Арлен.
Битола на 12 ноември беше домаќин на несекојдневно музичко-сценско доживување. Во Центарот за култура, пијанистката и композиторка Андријана Арлен го претстави својот проект „Silver Night“ („Сребрена ноќ“), спојувајќи ја класичната музика со современи музички аранжмани, танц, светлосни ефекти и сценска уметност.

На сцената се испреплетуваа звуците на пијаното, енергијата на современиот танц и моќта на оркестарската музика, создавајќи атмосфера во која секоја композиција добиваше сопствена визуелна приказна.
Публиката имаше можност да ужива во авторските композиции на Арлен, меѓу кои Time for Goodbye, Memories of You, Missing You и In the Silence of My Heart, како и во музички интерпретации инспирирани од големите имиња на класичната музика – Рахмањинов, Бах, Моцарт и Бетовен.

Особен впечаток оставија кореографиите на танчерската група предводена од Анабела, кои со динамични движења, впечатливи костими и прецизна сценска изведба внесоа дополнителна драматичност во музичкиот концепт.
Музичката програма беше збогатена со настапите на саксофонистот Љупчо Станковски – Saxman, Зоран Николов – Zorbital и Битолскиот камерен оркестар под диригентската палка на Владимир Димовски.

Сценската режија на Димитар Оровчанец, во комбинација со светлосниот дизајн, визуелните проекции и современата продукција, го претворија концертот во повеќедимензионално уметничко доживување.

Проектот „Silver Night“ носи поинаков пристап кон концертната форма – идеја класичната музика да излезе од традиционалните рамки и да се доближи до поширока публика преку современа естетика, сценско движење и кинематографска атмосфера.
Следна станица: Македонска филхармонија, Скопје – 7 декември
По Битола, „Сребрена ноќ“ го продолжува своето музичко патување, а на 7 декември 2026 година, Андријана Арлен ќе настапи во Македонската филхармонија во Скопје.

Скопската публика ќе има можност да го доживее концептот што ги обединува класичната музика, современите ритми, камерниот оркестар, танцот и визуелната уметност во единствена концертна приказна.
Настанот во Филхармонија претставува значаен дел од македонската турнеја на Арлен и продолжување на уметничката визија зад „Silver Night“ – создавање концертно искуство во кое музиката не само што се слуша, туку и се доживува.
Сите инфромации за билетите може да ги најдете на www.arlentour.com.
Проектот е во продукција на Infera Studio – Александар Стојковски.
Дума.мк


