Болниците се полнат со ковид-пациенти, хоспитализирани 1 739 во земјава
05.04.2021
Црн викенд во Македонија за три дена од пандемијата, 130 семејства ги изгубија своите најблиски.
-Министерството за здравство информира дека и покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои се побрзо се исполнуваат со КОВИД пациенти, обезбедени се слободни места на повеќе Клиники, Институтот за белодробни заболувања Козле како и на интерните клиники. Сите болници и медицински кадар се целосно мобилизирани. И во болниците низ државата, секојдневно системот се менаџира, помеѓу постојаните инфективни одделенија во здравствените установи и модуларните болници. Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците. Министерството за здравство упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД-19.Министерството за здравство ги повикува граѓаните секој индивидуално да даде свој придонес во борбата со корона вирусот и да им помогне на здравствените работници, во оваа исцрпувачка битка која трае повеќе од една година, велат од Министертво за здравство.
Здравствените експерти сметаат дека сме длабоко навлезени во третиот пик на пандемијата и предупредуваат дека бројот на починати ќе биде уште поголем.
Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека многу хоспитализирани пациенти се со тешка форма, со манифестација на белите дробови и крвта, каква, како што рече, колегите од пулмологија и инфективна медицина досега не виделе и кај нив нема одговор на терапијата. За зголемениот број на млади лица кои умираат иако немаат никакви хронични болести, Филипче вели дека вакви случаи има и во Европа и дека кај дел од младите состојбата се влошува за неколку часа.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.867, бројката на оздравени пациенти е 109.297, на починати е 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.