Медијација а не долги судски спорови!
За медијацијата, вонсудска постапка на алтернативно решавање на спорови со помош на трето неутрално лице (медијатор), кое им помага на страните да изнајдат заедничко решение денеска разговараа претседателите и судии од основните судови во Кавадарци и Неготино како и преставници на општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија.
Проектот со кој се промовира алтернативниот начин на решавање спорови го работи Институтот за Европска политика Скопје во соработка со Министерството за правда, а е подржан од амбасадата на Кралството Холандија.
Ивеш Сепеши претставничка на Холандската амбасада во Македонија пренесе искуства од нејзината земја околу спроведувањето и практицирањето на медијацијата.Нагласи дека медијацијата е многу важно да се спроведува во правниот систем бидејќи е брз и ефтин процес. Во Холандија има обуечни 5.000 медијатори.
-Гледам дека и во Македонија има многу мотивирани медијатори кои се залагаат за овој процес, – рече Сепеши.
Медијацијата за прв пат во Македонија е регулирана со Закон во 2006 година, а во ноември истата година започна да се применува. Според Драган Додовски, од министерството за правда спроведени се низа активности и измени во законот за полесно користење на медијацијата.
Роза Алексова, медијатор од Кавадарци и Елизабета Петковска судија во кавадаречкиот суд соопштија искуствата според кои медијацијата е за 50% поевтина од судскиот спор, побрза и може да трае неколку часа или неколку денови за разлика од судската постапка која во просек трае до 370 дена. Процесот на медијација се одвива далеку од очите на јавноста и затоа ја штити приватноста, се одвива без формалности, истраги, изведување докази и исходот е без победници и губитници.
Во Македонија има 166 лиценирани медијатори организирани во Комора на медијатори на Република Македонија. Согласно Законот, страните во спорот имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација за што се информирани на јасен и разбирлив начин од страна на медијаторот. Медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд. Постапката за медијација завршува во рок од 45 дена од денот на давањето на изјава за отпочнување на постапката, без оглед на нејзиниот исход./А.Д