Ладна вода и совети за граѓаните кои денеска напладне мораа да бидат на улица!
Објавено: 19 јуни, 2013, во 13:38 часот
Се потеа, воздивнуваа, се криеја под сенките на дрворедите но, сепак денеска напладне граѓаните се движеа низ улиците. На пеколното сонце и високото УВ зрачење мајки со мали деца и возрасни граѓани рекоа дека морале да завршат неодложни обврски и затоа биле на улица.
– Нема кој да ми ги заврши обврските, јас и бабата живееме сами а децата работат и живеат во Скопје – рече велешанец кој потпирајки се на бастумот брзаше кон домот.
– Морам да се пријавам во агенцијата за вработување а таму терминот е точно утврден, неможе да се одложува, -рече велешанка.
– Ги платив сметките и морам сега да брзам навреме да стигнам на работа. Денеска сум втора смена, – рече велешанец.

Додека граѓаните брзаа што поскоро да се сокријат од сонцето и високата температура, на спротивната страна на улицата, на тротоарот веднаш до стоковната куќа, волонтери на Црвениот крст им пристапуваа со чаши полни со ладна вода. Тие делеа и едукативен материјал во кој пишуваше како граѓаните треба да се заштитат од топлотниот бран.
– Ова е заедничка активност на нашата организација и општината. Сакаме да ги едуцираме граѓаните затоа го делиме пропагандниот материјал кој ги содржи препораките на министерството за здравство, Светската здравствена организација и Црвениот крст. Во изминатиот час акцијата се одвива добро граѓаните добиваат ладна вода донирана од општината со цел да им го олесниме престојот на улица на сите кои мораат на оваа пеколна температура да бидат надвор од домот,-рече волонтерот Александар Стојковски.

Општината ги следи информациите на Управата за хидрометеоролошки работи и Центарот за управување со кризи па затоа на два пункта во градот дели ладна вода, рече портпаролот Мартин Мајсторов.
– Бидејки Македонија се наоѓа во жолта или алертна фаза одлучи да подели ладна вода и на тој начин сакаме да помогнеме во ублажување на последиците од жешкото време, рече Мајсторов.
Втор пункт на кој денеска се делеше ладна вода беше отворен во Нова населба, кај Авона. Според најавите така ќе биде и во наредните неколку денови се додека температурите не паднат и Македонија не излезе од жолта фаза. Пунктовите ќе ја менуваат локацијата но не и времето, секојдневно од 11 до 14 часот, на нив граѓаните ќе можат да добијат ладна вода./Б.Н


