На спортски бон тон се учат младите. Карванот тргна од Кавадарци!
Околу 180 дечиња од основните училишта во седум општини во земјава денеска спортуваа и другарува во Кавадарци. Ги спои проектот „Спортски бон тон“ на геостратешкиот институт „Глобал“ кој има за цел промовирање на спортот како општествена активност, преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.
На дружење со децата дојдоа и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов кој е и покровител на проектот и амбасадорот на САД во земјава, Пол Волерс.
„Сите овие игри кои денес ги видовме на градскиот плоштад ме потсетија на моето детство кога ние голем дел од времето го поминувавме надвор , во игра. Фудбалот беше спортот кој отсекогаш најмногу привлекува но и ракометот и кошарката и многу други спортови. Овде можевте да видите и бабини игри кои се обновуваат со цел децата да бидат повеќе надвор и како физички да се подготвуваат за сите предизвици во животот-рече Иванов и нагласи дека во последно време сме сведоци на немили настани на спортски натпревари кај нас и во светот и затоа е пожелно младите да учат како да се однесуваат и како навивачи и како натпреварувачи.
„Мултиетничко и мултијазичко, мултирелигионо општество сме и преку ваквите проекти младите се запознаваат и учат едни за други. Тоа придонесува за општата атмосфера во земјата. Сакаме Македонија да биде позитивен пример за тоа како треба да се биде пристоен на спортските терени но и надвор од нив“ додаде Иванов.
Амбасадорот на САД, Пол Волерс рече дека скијањето му е најомилен спорт.
„Чувствувам огромно задоволство да му се придружам на претседателот Иванов и заедно да ги поддржиме овие активности, кои имаат за цел поттикнување на толеранција и почит кон другите без разлика на расата, општествена класа или религија, преку универзалниот јазик на спортот“ рече Волерс.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов во името на граѓаните на Кавадарци искажа благодарност што општината е почестена карванот на спортското пријателство да тргне од градот на грозјето, виното никелот и автомобилската индустрија. / A.Д