Ќе се спасат ли градските дрвореди од некролози!
Објавено: 5 јуни, 2013, во 07:50 часот
На секој петнаесет дена комуналците ги чистат дрворедите во градот од некролози но велешани не се откажуваат од навиката да закачат нови. По минатонеделната чистка, во строгиот центар на градот, на дрвјата останаа само пулиите.
Од јавното комунално претпријатие ветија дека веќе во наредното чистење работниците ќе ги откачуваат и металните закачулки бидејќи и тие ја нагрдуваат и делумно ја оштетуваат кората на дрвјата.
Со најголем број на некролози и метални пулии е јаворот на плоштад Сармаале, од страната на хотелот Интернационал. Таму никако да запре закачувањето на некролози иако дрвото е културно историски споменик и не смее да се нагрдува, оштетува или сече. Надлежноста да го заштитува ја има општината.
Од таму искажаа подготвеност да се обидат да ја сменат навиката на велешани и да најдат алтернативно решение за закачување на некролози во градот. Ако тоа општината навистина мисли да го стори први ќе ја поддржат екологистите.
Според нив поставени табли на неколку места во градот, меѓу кои и пред јаворот на Сармаале, би било вистинско и секако подобро решение од актуелното.
„Оштетувањето на кората на дрвото, што ја предизвикуваат металните пулии не е голема но подобро би било кога тоа не би се случувало. Во колку граѓаните прифатат да ја сменат навиката а општината постави табли тогаш дрворедите ќе бидат ослободени и од нагрдување“, рече претседателот на ЕД„Вила Зора“, Ненад Коциќ.
Освен на дрворедите некролози во градот се закачуваат и на столбови./Б.Н

