(ВИДЕО) Неготино: Колекција има, сега сака да отвори Музеј на автомобили!
Старите олд тајмери се најголемата љубов на пензионираниот професор Дионис Пашлаков.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=–dJ9ro3qWM{/youtube}Порано професор, а сега пензионер но, од секогаш пасиониран вљубеник во автомобили. Тоа е Дионис Пашлаков од Неготино човекот кој на старите автомобили им го продолжува векот кога од нив сите други одамна кренале раце. Огромната љубов кон старите превозни средства од хоби ми прерасна во опсесија ,вели овој 61 годишен биолог од Неготино. Ја поседува целата колекција на автомобили од марката “опел”, од 1950 до 75-та. Пашлаков ги купува старите “опели”, а потоа ги дотерува и од нив создава примероци кои изгледаат како штотуку да излегле од фабрика.
-„Поголем дел од оние кои ја следат мојата активност веќе ја сфаќаат суштината на моето хоби и не ме прашуваат што ќе ти се овие коли“,рече Пашлаков.
Тој цели 20 години ревносно ја создава својата колекција на олд тајмери.На неговиот плац кој го купил само за да ја чува оваа вредна колекција на автомобили се паркирани шеесет годишниот „опел олимпија“, деведесетина други автомобили,35 мотоцикли, булдожер и два трактори. Тој ја има и најстарата едрилица во земјата “делфин” со распон на крилата од 16 метри.
„Не ги купувам за бизнис или профит туку со единствена желба во Неготино да направам еден музеј на стари автомобили кој на Македонија и недостасува. Колекцијата е импозантна и заслужува внимание“,рече Пашлаков.
Сите олд тајмери Пашлаков ги купил. Така најефтиниот примерок го чинел 200 а најскапиот 1.500-тини евра. За цената не секогаш успевал да се договори со сопствениците на стари опели. Искуството на Пашлаков говори и за тоа дека, наместо кај него, неколку стари опели завршиле во отпад оти сопстевениците не ја разбрале неговата љубов и од нив не успеал ниту за пари да ги купи.
„Бев често пати мета на критики,потсмев па и иронија, што ќе ти се овие стари коли,продај ги во отпад и купи си кола како човек вози си.Но минатата година за првпат во Македонија во 4 града се одржа изложба на стари возила што е доказ дека Македонија се буди“,посочи Дионис Пашлаков.
Од колекцијата сепак за најдраг примерок Пашлаков го издвои автомобилот марка ,,Буба,,. Го добил на подарок од своите ученици. Тие го купиле, го донеле во гимназискиот двор, го обвиткале со црвена панделка и со зборовите среќни пензионерски денови му честитале на својот професор. Така ми заврши последниот работен ден, раскажа со солзи во очите Пашлаков.
-„Најголемата сатисфакција во мојот живот и која не може да се мери со ниедно друго признание како што е овој подарок кој многу ми значи и мислам дека ќе ми биде најмилото признание во целиот мој живот“,рече Пашлаков.
Сега овој колекционер сонува да отвори музеј на стари автомобили и во него да ги изложи сите примероци што ги има ама и да успее да ја збогати колекцијата со еден тенк. А во неа, додека е жив, секогаш место ќе има за најретките модели на автомобили и моторцикли во светот.