Брза помош по протокол
Интервенциите на итната медицинска помош во земјава, согласно на новините во ургентната медицина во иднина ќе се изведуваат согласно протоколи за работа кои ги воведува Министерството за здравство. Ова го најави првиот човек во овој ресор, Никола Тодоров и појасни дека со воведување вакви стандарди се олеснува работата на тимовите, однапред се предвидуваат начините на интервенција и се подобрува нивната ефикасност.
Протоколите содржат општи начела во однос на дејноста на Итната медицинска помош, дел кој е посветен на стадардизирање на нејзината работа, како и начин на примање на повикот, негово пренесување, постапки на место на интервенција, начин на подобра соработка со болниците при пренос на пациент и стандардизирање на пополнување медицински извештаи по завршена интервенција.
– Протоколите на постапка на итни интервенции при акутно витално загрозување на животот на пациентот и нивното стандардизирање се од посебна важност. Изработени се протоколи за третирање итни случаи во областа на кардиологија (асистолија, тахикардија, брадикардија, миокарден инфаркт, акутна срцева слабост), протоколи од областа на каков било вид на траума со начин на имобилизација според стандарди, за невролошки случаи посебно мозочен удар, за итни случаи причинети од средината (студ, топлина), за труења и предозирања итн., истакна Тодоров.
Воведувањето на протоколите, заедно со проектот за обука на тимовите за Итната медицинска помош, како и со кадровското доекипирање и набавката на нови амбулантни возила ќе придонесе за натамошно унапредување и стандардизирање на работата на службите за Итна медицинска помош на ниво на цела држава.