Граѓани на Превалец се жалат а Македонски железници одговара дека честите спуштања на рампите на преминот се резултат на неодложна работа (ФОТО И АУДИО)
Во последните неколку денови постојано се вклучуваат сигурносните и светлосни уреди на железничкиот премин на пругата Велес – Прилеп во „Превалец“. Жителите на оваа велешка населба тврдат дека деноноќно уредите светат и сигнализираат и кога доаѓа и кога не доаѓа воз. Тоа е причина да се создаваат долги колони на возила од двете страни на регионалниот пат Велес-Чашка кој мине низ центарот на населбата. Според нив на преминот се чекало и по 15 минути но воз по железничката линија не поминувал.
Фотографиите што Дума.мк ги објавува се направени вчера доцна поладне. И тогаш не поминал воз иако светлосните и звучни сигнали на преминот се вклучени.
Од ЈП Македонски железници – Инфраструктура не негираат дека тоа можело да се случува во последните денови. Според помошник директорот Боро Радевски причината е во реконстукцијата на патничкиот премин пред поранешната фабрика за тули „Киро Ќучук“. Таму железничкиот премин добива нови рециклирани од гума елементи и при изведбата на работите во функција се ставени повеќе шински возила.
-Шинските возила возможно е при маневрирање да ги нагазуваат уредите поставени на шините со кои се активира сигурносниот систем на наредниот премин а тоа е токму преминот во населбата Превалец во Велес. Нагазните уреди се распоредени на оддалеченост од 800 метри од секој премин. Но во никој случај светлосниот и звучен сигнал не може да работи поточно да сигнализира доаѓање на воз во времетраење од петнаесет туку во пет минути, додаде Радевски.
Тој исто така соопшти дека за изведбата на градежните работи на железничкиот премин пред поранешната фабрика за тули во Велес уредно се известени Општина Велес и Секторот за внатрешни работи Велес. Радевски додаде дека полицијата е надлежна за регулирање на патничкиот сообраќај.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски вели дека во дневните полициски билтени не е регистрирана пријава од страна на жителите на Превалец. Ако некој од нив пријавил на телефонскиот број 192 тогаш полицискиот службеник е должен информацијата да ја проследи до националното претпријатие и таа не се заведува во билтен.
Убавка Јаневска