„Kовачевски не треба да оди во Брисел“, смета Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека понудениот предлог од Франција може да биде добра основа за компромис со кој Северна Македонија ќе може да влезе во преговарачкиот процес со ЕУ, но смета дека на прашања како историските не им е местото во Преговарачката рамка.
Во интервју за ТВ24, Пендаровски откри дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел. Пендаровски вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.
Според претседателот, Ковачевски нема што да бара таму, посебно што на вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, бугарската страна изнела нови барања за симнување на ветото за Македонија.
– Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме – рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција.
– Ние политичарите од мали држави честопати сме во ситуација да попуштаме, да потклекнеме, но мислам дека изминативе две години вакво национално тормозење од страна на Бугарија кон нас не сме имале во 20 години преговори со Грција – вели Пендаровски.