Oддавање почит на ракометна легенда Тони Шопов денеска во Велес
Со цвеќе и палење на свеќи пред поставена фотографија на прерано починатата ракометна легенда Тони Шопов на Ракометно игралиште во Градски парк , денеска, во 18 часот, граѓаните, пријателите и спортистите ќе можат да му оддадат почит.
Организацијата ја иницираа соседите на Шопов кои не можеа да му укажат почит и од него да се простат затоа што посмртните останки на педесет годишниот Тони Шопов се погребани во Германија.
-Чувствуваме потреба да му запалиме свеќа и да оставиме цвеќе на просторот на којшто Тони помина најголем дел од својот живот а тоа е ракометното игралиште во Градски парк во Велес. Таму Тони ги направи првите спортски чекори на неговата богата и голема спортска кариера. На асфалтната подлога на која започна да тренира, играше и даваше голови, ги славеше сите победи и тагуваше за поразите на матичниот клуб, РК„Борец“ ќе ја поставиме неговата фотографија затоа што тој асвалт беше негов живот. Нема посебна организација на настанот. На ракометното игралиште можат да дојдат сите што сметаат дека Тони заслужува внимание од сограѓаните, пријателите, блиските познаници и останатите, рече Славица Костова една од соседите на Тони Шопов.
Велешката ракометна легенда Тони Шопов почина во петокот, на 24 јуни, годинава, на 50 годишна возраст во Германија. Семејството одлучи неговите посмртни останки да бидат погребани во градот Вупертал во Германија.
Убавка Јаневска