Се снима во Скопје: „Балканска приказна“ доби награда за најдобра телевизиска серија (фото+видео)
Објавено: 10 октомври, 2022, во 11:51 часот
Турската телевизиска серија „Балканска приказна“, којашто се снима во Скопје, а веќе неколку месеци се прикажува на Турската национална телевизија, доби награда за „Најдобра телевизиска серија“ од страна на Федерацијата на балкански здруженија Румели во Истанбул. Наградата ја подигнаа главните актери Ердал Озјаџилар, Мерих Озтурк и Селвије Хуријет.
„Наградата ја добиваме во име на целиот тим на ‘Балканската приказна’. Ви благодариме многу што токму оваа награда ја доделувате на нашата серија, која се снима на Балканот и каде што ја покажуваме таа шарена и убава култура, директно од Скопје“, изјави актерката Мерих Озтурк, која се заблагодари на Федерацијата на балканските здруженија Румели што ја сметаат „Балканска приказна“ за достојна за една ваква убава награда.

Ердал Озијагчилар, кој е во центарот на вниманието со ликот на Кофтеџи Сулејман во „Балканска приказна“, им се заблагодари на сите што ги оцениле достојни за една ваква убава награда.
„Ние на Балканот покрај што снимаме телевизиска серија, вршиме и уште една многу важна задача – ние сме културни амбасадори. Ја снимаме нашата серија во мултикултурно место каде што заедно живеат Македонци, Турци, Бошњаци, Срби, Албанци итн. и каде што се среќаваат многу култури од различно етничко потекло. Овде, животот е заеднички… Велат „Реката Вардар го дели градот на два дела“, но напротив, не го дели на два, туку го обединува, порача Озјаџилар.
Во центарот на вниманието вечерта беше и феноменот на социјалните мрежи Селвије Хуријет, уметничка од Македонија, со потекло од Тетово, која стана дел од актерскиот тим на „Балканска приказна“ и доби големо признание со својот лик Тетка Ѓулдание.
Серијата „Балканска приказна“ е составена од актерски и продуцентски тим во којшто голем дел од нив се со потекло од Балканот, како и актери од Скопје меѓу кои се Сузан Акбелге, Ерман Шабан, Џенап Самет, Емине Халил, Бурак Рахман и Бену Шахин.
