Живот без ѓубре и комуналии: Се гради зелен град за 150 илјади жители
Најголемиот одржлив град во Африка без автомобили и ѓубре, вреден повеќе од 20 милијарди евра, треба да започне со изградба до 2025 година на југот на континентот. Градот со 150.000 жители, наречен The Parks („Паркови“), треба да биде целосно самоодржлив, односно да ја произведува целата своја енергија, вода и храна.
Инвеститорот URB со седиште во Дубаи објави дека The Parks ќе им обезбеди на жителите највисок светски стандард на одржливо живеење на површина од 17 квадратни километри во источниот јужноафрикански регион. 40 илјади домови во 12 станбени квартови ќе се пофалат со комбинација на станбени, медицински, туристички, забавни и едукативни елементи.
Економијата на градот треба да биде автоматизирана и дигитална, а повеќето работни места се очекува да бидат поврзани со зелената технологија. За да биде се на највисоко ниво, при планирањето, изградбата и функционирањето на градот наводно ќе се отворат 40.000 работни места.
„Пејзажот е дизајниран да промовира социјална одржливост и активен животен стил. Некои од овие карактеристики вклучуваат фитнес станици на отворено, земјоделски парцели, спортски терени на отворено, патеки за џогирање и велосипедизам, јавен уметнички простор и концерти на отворено“, рече извршниот директор на URB, Бахараш Багериан, кој дизајнираше различни одржливи градови, вклучувајќи ги Xzero, AlNama и Nexgen.
Бахараш Багериан наведува дека фокусот на развојот е уникатен мултифункционален зелен рбет долг пет километри што ќе ги поврзе сите згради и центри во населбата.
Со повеќе од 32 километри патеки за џогирање, велосипедизам и јавање, градот ќе ги обезбеди и најзелените и најбезбедните начини на активен транспорт. Опкружен со природен резерват, со сместување во еко-одморалиште со пет ѕвезди и еко-колиби, The Parks би можеле да станат и привлечно место за туристите.