Давчевска: „Летно учење низ игра“

Објавено: 7 јули, 2025, во 09:14 часот

Како специјален едукатор, често слушам од родителите прашања како:
„Што да правиме преку лето?“,
„Ќе заборави ли што научи?“,
„Како да го задржиме фокусот и рутината без стрес?“

И секогаш одговарам исто:  Учењето не мора да застане, само треба да се претвори во игра. Летото не е непријател на развојот, туку можност за детето да учи низ искуства, движење, креативност и најважното преку блискост со вас. Затоа, сакам да споделам неколку проверени совети од мојата пракса и од семејствата со кои работам:

Одржете ја рутината, но флексибилно, таа не мора да биде строга, но децата со ПОП имаат потреба од предвидливост. Имајте основен дневен распоред, време за будење, игра, храна, одмор. Визуелни распореди многу помагаат, дури и кога се цртани со фломастер на лист хартија.

Играјте, тоа е најдобриот облик на учење. Не мора сè да изгледа како училишна активност. Кога децата бојат, лепат, градат со коцки или играат „кујна“, тие вежбаат моторика, учат да планираат, комуницираат и развиваат речник, ја учат причината и последицата.Играчките не мора да бидат скапи, често, најдобрите игри ги правиме со картонски кутии и лажици!

Приказни секој ден. Дури и ако детето не зборува, читањето има огромна вредност. Застанете на сликата, опишете ја, прашајте: „Што мислиш, што ќе се случи?“ „Кој е тоа?“. Приказните учат, смируваат, зближуваат.

 Искористете го движењето за учење. Во прошетките броите коли, гледате бои, слушате звуци. На пазарот зборувате за овошје. Секојдневието е најдобрата училница ако гледаме со тие очи.

Не заборавајте на мирните моменти. Секое дете има потреба од пауза, некои повеќе од другите. Тивок агол со перниче, слушалки, топче за стискање и др.

Не е важно дали активноста е совршено спроведена. Важно е дали сте заедно, дали има смеа, дали детето чувствува дека е прифатено. Од моето искуство, токму тие моменти на блискост, неформална игра и заедничка насмевка, остануваат највредни за развојот. Затоа, ве охрабрувам нека ви биде ова лето полно со мали игри, нови зборови, капки вода, сенка под дрво и најмногу од сè љубов без притисок.

Марија Давчевска,

специјален едукатор и рехабилитатор

наставник ментор и реедукатор на психомоторика

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.