Најизразени случаите на карцином на дојка кај велешанки и карцином на тестиси и простата кај велешани, лекарите од велешка Општа болница со апел за редовни контроли
Болеста карцином подеднакво ги напаѓа и другите внатрешни органи како и не штеди никого,ни по пол ниту по возраст, покажуваат статистичките податоци на велешката Општа болница. Тие откриваат дека во првите месеци на календарската година ракот на грло на матка учествува со 10% во вкупниот број на малигни заболувања неоплазми,а целна група се жени од 21 до 59 годишна возраст. Овие податоци ги доби Дума.мк по првичните сознанија за зголемен број на откриени болни со карцином во последните месеци.
-Треба да се има на увид фактот дека според патеката на медицина базирана на докази,секој пациент за кој лекарот се сомнева дека станува збор за тоа, покрај направениот извештај од било која радиолошка дијагностика, како појдовен сомнеж, потребно е да се направат дополнителни испитувања како ултрасонографија, биопсија, по потреба дополнителни испитувања на магнетна резонанса додека конечна дијагноза се поставува по направен потврден хистопатолошки наод. Потоа се пријавува како случај во Комисија за малигни заболувања, рече Марина Андова портпаролка на ЈЗУ„Општа болница“ Велес.
Андова додава дека не е доволен само сомнеж за да се потврди дијагноза карцином, по која следи третман.
-Често се случува, болеста да се докаже дури после извршена хируршка интервенција на тумор, кога се испраќа земениот материјал на патохистолошка анализа, која конечно потврдува дали станува збор за малигно или бенигно заболување. Потоа следи радиoтерапија, хемотерапија или цитостатска терапија, зависно од органот кој се третира, рече Андова.
Дума.мк ја прашаше портпаролката што ќе превземе велешката болница за да се подигне јавната свест на граѓаните за рано откривање на болеста?
-Здравствените работници се придржуваат до сите Програми за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Македонија,излезени во Службен весник од 22 јануари, годинава и се однесуваат на скрининг и рана детекција на рак на грло на матка. Овој скрининг го работиме не само за граѓаните на град Велес, Чашка, Градско, туку ги опфаќаме и соседните Општини Кавадарци и Неготино. Нашиот оддел за биохемиско лабораториска дијагностика и патолошка анатомија,ги прима земените материјали од ПАП тест од матичните гинеколози. Ракот на грло на матка учествува со 10% во вкупниот број на малигни заболувања неоплазми,а целна група се жени од 21 до 59 годишна возраст. Скринингот и рана детекција на рак на дебело црево има за цел да се намали морталитетот на колоректален карцином. Преку Националниот систем за електронска евиденција,ќе се обезбеди список на пациенти од 50 до 75 годишна возраст, додаде Андова.
Велешката болница располага со нов современ колоноскоп, сместен во на приземјето на зградата, во делот на интернистички амбуланти. Со него работат и прегледите ги извршуваат двајца доктори од кои еден супспецијалист по гастроентерохепатологија и еден доктор специјалист гастроентерохепатолог.
– Матичните доктори во примарната здравствена заштита ги информираат и ги советуваат своите пациенти за можноста за скрининг за колоноскопија укажувајќи им на придобивките од неа додека скринингот и рана детекција на карцином на дојка го реализираме затоа што е најчесто малигно заболување кај жените како во светот, каде секоја осма жена во својот животен век се соочува со оваа болест, така и во нашата држава. Преку детекција и скрининг се намалува смртноста и до 30 %. Од 2015 година се спроведува преглед на навидум здрави жени, кои не направиле мамографски преглед во последните две години со целна група се навидум здрави жени на возраст од 40 до 69 години, додаде Андова
Портпаролката на велешка Општа болница соопшти дека од 1 април, годинава мамографскиот скрининг во Велес ќе биде читан од две лекарки кои се професорки, супспецијалистки за дојка и женско здравје од Скопје, вклучени во Националната комисија за рано откривање на рак на дојка.
Инаку, велешка болница располага со нов современ дигитален мамограф, кој ги исполнува сите европски стандарди како и со дипломирани радиолошки технолози со високо образование,со доедукација во странство. Тие во моментов се повторно на супспецијализирана обука на Институт за радиологија во Скопје, специјализиран за скрининг за рано откривање на рак дојка.
Убавка Јаневска